Златната статуетка „Оскар“, која се доделува како признание за најдобрите од Американската академија за филмски науки и уметности, првпат по 30 години е редизајнирана за годинашното 88. издание на церемонијата.
Статуетките сега повеќе ќе личат на првичниот дизајн од 30-тите години на минатиот век. Оваа помала козметичка промена доаѓа со промената на производителот на наградите.

Њујоршката компанија „Полиш таликс фајн срт фоундри“ (Polich Tallix Fine Art Foundry) го презеде производството на статуетките од компанијата „Р.С. Овенс“ (R.S. Owens) од Чикаго, која ги произведуваше статуетките од 1982 година.

Новиот производител го обнови суптилниот изглед на изворната скулптура користејќи со бронзен калап од 1929 година, кога беше првото доделување на наградите „Оскар“.

За изработка на 50 статуетки се потребни три месеца.

Инаку, мерките остануваат исти. Статуетката „Оскар“ е висока 34 сантиметри и е тешка 3,85 килограми.
Годинешната церемонија е закажана за следната недела, 28 февруари, на добро познатото место – театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


