Американскиот актер Џорџ Гејнс, најпознат по улогата на командирот Ерик Ласард во серијата филмови „Полициска академија“, почина вчера на 98-годишна возраст.
Гејнс за кој малку е познато дека бил и талентиран оперски пејач, во својата богата кариера имал околу стотина улоги на телевизија, како и 35 појавувања на филм, многу драми, музички комедии и опери.
Тој е познат и по улогата во серијата „Punky brewster“ како и во филмот „Тутси“ со Дастин Хофман.
Гејнс глумеше во сите седум филмови „Полициска академија“. Роден е во Хелсинки како Џорџ Јонгејанс. Неговата мајка била Русинка, а неговиот татко, Холанѓанец. Своето дестство го поминал во Франција, Англија и Швајцарија. Плановите да изгради кариера во операта му биле прекинати во Втората светска војна. По завршување на војната се преселил во Њујорк и се придружил на операта како фантастичен баритон. Сепак, сметал дека е подобар актер отколку пејач.
Тогаш своето презиме го променил во Гејнс и почнал да добива улоги. Актерот се пензионираше во 2003 година, а неговата последна улога беше во комедијата „Just married“ со Ештон Качер и Британи Марфи. Зад себе ја остави сопругата, актерката Алин Ен Меклири, ќерката, внуката и двете правнуки. Тој го имал и синот Метју кој загинал во 1989 година во сообраќајна несреќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.