| четврток, 6 декември 2018 |

Во порта „Македонија“ се одржува состанок на УНЕСКО на тема „Култура: мост кон развојот“

Заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, денеска во „Порта Македонија“ ќе се обрати на отворањето на третиот дводневен состанок на Меѓународниот управен комитет организиран во рамките на иницијативата на УНЕСКО „Култура: мост кон развојот“, чиј домаќин е Република Македонија.

Целта на овој состанок, на кој учествуваат претставници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Словенија и од Хрватска, како и од меѓународните институции: УНЕСКО, „Mémorial de la Shoah“ (Франција), „Topographie des Terrors“ (Германија) и „Музејот Аушвиц“ (Полска), е продолжување на разговорите за реновирање и трансформација на Блок 17, кој се наоѓа во Државниот музеј Аушвиц – Биркенау, Полска, како и поставување заедничка изложба посветена на холокаустот – проект на земјите од регионот.

На состанокот ќе бидат разгледувани повеќе активности околу идната реализација на заедничкиот проект, како: изработка на хронологија на најважни датуми кои се однесуваат на Втората светска војна, изработка на документ со консолидирани податоци за депортираните лица во Аушвиц; мапирање на постојната документација и на документацијата што недостига; материјали и архиви што може да се искористат за изложбата; како и кратка анализа на улогата/важноста на депортацијата во Аушвиц за секоја земја.

Република Македонија е единствената земја во овој дел од Европа каде што е изграден паметник за македонските Евреи кои настрадаа во геноцидниот виор во Втората светска војна. Меморијалниот центар на Евреите претставува институција која има големо значење и во промоцијата на едукацијата за холокаустот, аспект кој е високо позициониран во агендата на Обединетите нации, која ги поттикнува земјите-членки, меѓу кои и Република Македонија, да развиваат едукативни програми за да се пренесе сеќавањето за холокаустот на идните генерации.

Целта на глобалната иницијатива на УНЕСКО „Култура: мост кон развојот“, во чии рамки се одржува состанокот, исто така, е и подобра промоција на културното наследство во сите негови форми, како моќен и уникатен инструмент за одржлив социјален и економски развој, социјална кохезија, образование и меѓусебно разбирање, со што се отвораат можности за поголема меѓународна соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top