| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја издаде „Макунаима“ на Марио де Андраде – дрска и убедлива книга

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Макунаима“ од Марио де Андраде. Книгата е дрска и убедлива, сигурен триумф на фантазијата. Преводот на македонски е на Душанка Каевска.

0a983f80-f20f-46a8-a983-b5d81151f614

Макунаима е член на племето Тапанхума. Тој го живее својот мрзлив и безгрижен живот во бразилските прашуми. Но, кога ќе го загуби талисманот, мора да го напушти племето и да тргне кон Сао Пауло, изненадувачкиот милионски град, каде што врие од цивилизација. „Херојот без карактер“ таму наидува на бордели, на воени паради и на полицијата. Сретнува вештерки, герилци, индустриски магнати што „мелат“ луѓе. И, несмасен каков што е, на сопствената кожа ги чувствува најчудните обичаи на своето време. Романот „Макунаима“ има ненадминато место во бразилската литература. Делото е објавено со поддршка од Министерството за култура на Бразил и на Фондацијата Национална библиотека.

Марио де Андраде (1893-1945) е бразилски писател. Практично, тој е создавач на модерната бразилска поезија. Како централна фигура на авангардата, имал огромно влијание врз современата бразилската литература и култура. Неговите интереси покривале од историја преку уметност до музика, поради што го сметаат за национален енциклопедиски ум, полимат. Имал и политичка кариера. „Макунаима“ е неговото најпознато дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top