Во Археолошкиот музеј на Македонија беше отворена годишната манифестација „Археолошка изложба 2015“, која вклучуваше повеќе од илјада артефакти од единаесет археолошки локалитети во Република Македонија. Што сѐ беше опфатено со изложбата?
Лилчиќ: На годишната „Археолошка изложба 2015 година“ на која беа претставени нешто помалку од илјада артефакти, беа застапени најрепрезентативните движни археолошки наоди од истражувањата на античкиот театар во градот Скупи кај Злокуќани. Потоа од античките градови Билазора, Стибера, Пелагонија, од градот Ускана на Китино Кале во Кичево и од градот на локалитетот Градиште на реката Пчиња во атарот на Младо Нагоричани, како и од истражувањата на тунелите во Кратово. Притоа беа изложени и голем број артефакти откриени во рамките на проектот „Археолошки катастар“ на Република Македонија.
Изминативе години е забележлива значителна активност во областа на археологијата. На што се работи во моментов? Кои локалитети се во фокусот?
Лилчиќ: Од предисториските локалитети би ги истакнал работите на локалитетите кај Спанчево, Ангелци, Вепрчани, Чаниште, Дојран, предисториските живеалишта на таканаречените тумби во Пелагонија. Од античките локалитети континуирано продолжија работите на античките градови, Стоби, Скупи, Хераклеја, Пелагонија (Бонче), Антигонеа, Стена, Еидомене, Добер, Астрајон, Аударист, средновековните градови Чрнче, Просек, Струмица и други. Напорите што ги правиме одат во насоката да се работи на позначајните и на репрезентативни археолошки локалитети распоредени долж поголемите сообраќајни комуникации, но и некои исклучителни кои со својата екстремна репрезентативност ќе можат да ги вратат вложените средства, како што е највисокиот антички град во Европа, градот на врвот Висока на Селечка Планина.
„Археолошкиот катастар“ е проект кој предизвика големо интересирање. За каков проект станува збор?
Лилчиќ: „Археолошкиот катастар“ на Република Македонија претставува вистинската револуција во полето на познавањето и контролата на археолошките ресурси, но би додал и на целото останато недвижно културно наследство на Република Македонија. Теренскиот сегмент му е доверен на Археолошкиот музеј на Македонија. Меѓутоа, извори на податоците со кои ќе се храни дигиталната база во Управата на културно наследство веќе од крајот на 2016 година претставуваат и сите релевантни и надлежни институции во доменот на валоризацијата и ревалоризацијата на археолошкото наследство како и регионалните музеи во Македонија. Основниот сегмент претставува, секако, самата база на Археолошкиот катастар што е во фаза на градење. Имено, во моментов е завршена меѓународната јавна набавка за изработка на студија за економска оправданост за разработката на основната методологија и за изградба на дигиталната база со сите релевантни елементи. Сметаме дека до крајот на 2016 година истата ќе започне со интензивната работа. Основната задача е дигитално внесување на хоризонталните основни со контактните зони на сите позначајни археолошки локалитети, но и останатото недвижно културно наследство врз дигиталната катастарска подлога, како и со конкретните податоци за самите локалитети поврзани со нивната површина, содржина во однос на хронологијата или културната археолошка стратиграфија, при што сопственоста ќе се гледа од самата катастарска подлога. Полза од археолошкиот катастар, според нашата пресметка, ќе имаат најмалку триесетина министерства и други институции од видот управи, водостопанство, ЕВН итн., потоа сите општини, или пак приватни фирми, како и секој жител на Република Македонија. Тоа значи секој што има потреба од информација за постоење и режим на заштита на археолошки локалитет што се наоѓа во опфатот на неговиот интерес.
Имате ли можеби омилен локалитет што кај Вас како археолог ја разбудило фантазијата и љубопитноста? Кое е за Вас најинтересно откритие?
Лилчиќ: Никогаш не сум одел во потрага по откритија според основата на мојот организам и свест. Последните четири децении, главно, исклучително сум темелен и посветен на полеогенезата на Република Македонија. Тоа значи истрајно истражување и документирање на сите стари градови и тврдини. А ги имаме околу илјада. Необично ме привлекува можноста, преку познавањето на определени локалитети и географски амбиенти, за идентификација на определени историски споменати места, градови и реконструкција на присуството на историски познати фигури на почвата на Македонија, како што е, на пример, Дунавската кампања на Александар Македонски кога тој лично чекорел низ територијата на нашата Република Македонија или, пак, присуството на кралевите Филип Петти и неговиот син Персеј, и така натаму. Но, ако инсистирате, необично ми е драго откритието на кралскиот дворец на Висока во 2005 година. Такво нешто нема никаде во Европа. Град на 1.472 метри со внатрешен дворец на покривот во небото над Пелагонија и Македонија. Освен тоа, како магнет ме привлекува присуството на античкото кралство Македонија на почвата на Република Македонија. Кога, во кои фази, до каде чекореле античките македонски кралеви во македонските долини и во античките градови во организацијата, грижата и одбраната на оваа почва од агресорите што продирале од централните балкански подрачја.
Кои се идните планови на Управата за заштита на културното наследство? Што можеме да очекуваме во иднина?
Лилчиќ: Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија во моментов се подготвува да се пресели во нов и поголем работен простор добиен со благослов на актуелната Влада на Република Македонија. Во моментов се консолидираат правните аспекти на постојните обврски околу процедурите, правилниците, евиденциите, стратегијата за заштита на културното наследство, ја зацртавме и ја изработивме најновата систематизација во која ја унапредуваме нашата организација преку пет основни сектори посветени на општите работи, документацијата, меѓународните односи, финансиите, заштитата, археолошкиот катастар и инспекциската служба во корист на максимално посветено и софистицирано работење на управувањето со заштитата на културното наследство на Република Македонија.
Упорно и посветено работиме на менаџирањето на работите на возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник во Охрид, како и на реконструкцијата на манастирскиот комплекс „Свето Преображение“ во Зрзе. На ревитализацијата на скопското Кале, и најголемиот антички театар во Македонија во античкиот град Скупи.
Паралелно оваа година во областа на менаџирањето на капиталните проекти ќе реализираме трипати поголем број проекти меѓу кои се наоѓаат археолошки локалитети од исклучително значење и тоа древни градови, тврдини, некрополи.
Секако, нѐ чекаат и настапи на неколку меѓународни настани поврзани со афирмацијата на македонското културно наследство.
Освен тоа, активни сме и на полето на грижата и заштитата на нашето недвижно, движно и нематеријално културно наследство во рамките на меѓународната организација УНЕСКО.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст