Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска ќе учествува на 52. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Претседателот Иванов ќе има обраќање на панел – дискусијата „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа“, на која ќе учествуваат и претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор и премиерите на Црна Гора и на Косово Мило Ѓукановиќ и Иса Мустафа, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.
Предвидено е Иванов, кој четврти пат учествува на Минхенската безбедносна конференција, да има повеќе средби со дел од учесниците на собирот.
Во фокусот на годинашната конференција ќе бидат војната во Сирија и состојбите на Блискиот Исток, бегалската и мигрантската криза, безбедносната состојба во Европа и евроатлантските интеграции.
На 52. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на околу 30 шефови на држави и на влади, околу 70 министри за надворешни работи и за одбрана, како и голем број извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации. Меѓу учесниците се германскиот министер за надворешни работи Франк – Валтер Штајнмаер, како претставник на земјата – домаќин, јорданскиот крал Абдула II, претседателите на Полска и на Украина, Анджеј Дуда и Петро Порошенко, премиерите на Франција и на Русија, Мануел Валс и Дмитри Медведев, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и др.
Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината со особен фокус на трансатлантското партнерство. Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата, стои во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст