| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ селектиран на „Софија Митингс“

Проектот за долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ влезе во официјалната селекција на проекти кои ќе бидат презентирани на 13. копродукциски форум „Софија Митингс“ во март во Бугарија.

133022506

Филмот ја раскажува приказната за Јон Вардар, млад неталентиран актер кој е киднапиран од самобендисан робот со наполеонов комплекс по име Зарк. Судбината на целата галаксија е во рацете на овие два антихеројски лика. Нивната авантура е исполнета со многу смешни ситуации кои ќе ѝ се допаднат и на помладата публика, но и на сите љубители на научната фантастика.

Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а уметничката дирекција е на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Филмот е во продукција на „Линкс студио“.

– Искрено се надевам дека ова ќе биде првиот македонски долгометражен анимиран филм. На Македонија ѝ требаат проекти од ваков тип, комедии наменети за помладата публика и со огромен меѓународен потенцијал. Веќе сме во преговори со повеќе дистрибутери кои сакаат да ги откупат правата за филмот, како и споредните права за производство на видеоигри и на играчки инспирирани од приказната. Голем придонес за ова има уникатниот стил на Тхе Мичо, квалитетот на сработените презентативни материјали, но и големата ангажираност на менаџерите и на нашиот тим околу пласирањето на проектот низ целиот свет – изјави авторот на сценариото, Гоце Цветановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top