Чешкиот министер за надворешни работи, Лубомир Заоралек, утре пристигнува во работна посета на Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Никола Поповски.
Како што соопшти чешкото МНР целта на посетата е да се зајакне билатералната соработка на ниво на министри за надворешни работи, лично да се запознае со ситуацијата во областите зафатена со бегалската криза, како и да се разменат ставови на европски и меѓународни прашања и да се даде поддршка за македонските напори на патот кон европска и трансатлантска интеграција.
Заоралек и Попоски, како што е најавено, ќе имаат излагањa по повод 25-годишнината од основањето на Вишеградската група во ЕУ Инфо-центарот.
Предвидено е Заоралек официјално да ја отвори изложбата поврзана со историјата на соработката на земјите од вишеградската четворка, на која освен членовите на дипломатскиот кор ќе бидат присутни и претставници од 27-члениот тим на полицијата на Чешка, кои од 4 февруари до 19 март ќе помагаат на македонско-грчката граница во решавање на бегалската криза.
Чешкиот министер од 8 до 11 февруари се наоѓа на мини-турнеја на Турција, Македонија и на Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.