Министерството за образование и наука објави конкурс за парични награди за основци и за средношколци и за нивните наставници – ментори за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика и по природни науки…
Рокот за пријавување е до 30 јуни, а условот е на меѓународниот натпревар да учествуваат најмалку десет држави. За прва освоена награда МОН ќе додели 50 отсто од просечната нето плата во РМ, 40 отсто за втора и 30 отсто за трета награда.
Конкурсот се организира втора година, а на минатогодишниот конкурс награди на меѓународен карактер освоиле 20 ученици, од кои речиси половина за освоено прво место.
Исто така, МОН и оваа година ќе додели финансиски надомест за освоено прво место на некој од државните ученички натпревари по различни предмети, кои се организирани од здруженија на наставници акредитирани од МОН.
Износот е половина просечна нето плата за ученикот и за наставникот кој го подготвувал. За надоместот тие може да се пријават до 31 август. Минатата година во оваа категорија (освоени први места на државни натпревари) им бил исплатен надомест на 156 ученици.
– Министерството и оваа, втора година по ред, продолжува со процесот на стимулација на македонските ученици, во насока на зголемување на нивната компетитивност и, секако, во насока на зголемување на нивните знаења. Значајно е што кај децата има сѐ поголема желба и, по една година имплементација, прилично сме задоволни и ќе продолжиме и во наредниот период – изјави ресорниот заменик-министер, Спиро Ристовски.
Тој апелираше до сите учесници на меѓународни и на државни натпревари да се пријават за паричната поддршка што ја обезбедува Министерството за образование и наука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.