| четврток, 6 декември 2018 |

„Големиот водач“ не се шегува: Половина свет на нишан на Северна Кореја

kim jong raketa

Ким Јонг Ун не е загрижен од резолуцијата на ОН со која се забранува употреба на проектили со голем дострел, со оглед на тоа дека вчера одобри лансирање на нов проектил. Проектилот во орбитата на Земјата носи сателит за набљудување наречен „Квангмјонгсонг-4“ кој го добил името по некогашниот лидер Ким Јонг Ил, таткото на сегашниот севернокорејски лидер.

Државната телевизија на Северна Кореја објави видеоснимка од лансирниот центар во кој насмеаниот Јонг Ун и неговите генерали прославуваат успешно лансирање сателити, за кои официјален Пјонгјанг наведува дека ја обиколува Земјата за неверојатни 94 минути.

Северна Кореја има неколку видови далекусежни проектили, а најнапреден е „Унха-3“ кој има дострел од дури 10.000 километри и може да понесе нуклеарна глава тешка повеќе од еден тон.

Унха-3 важи за најсовремено оружје на Северна Кореја која овозможува на радарот на „големиот лидер“ да се најдат дел од САД, Канада, Русија, Кина, цела Европа и северот на Африка, наведуваат повеќе светски разузнавачки служби.

Поради тоа, на сметка на Пјонгјанг стигнаа осуди дури и од традиционално толерантните Кремљ и Пекинг што покажува дека Путин и Си Џинпинг имаат сѐ помалку трпение.

И покрај сѐ, Ким Јонг Ун, изгледа не планира да ги сопре своите мегаломански аспирации, па наголемо планира уште една проба на ракета со голем дострел способна да носи боева глава со нуклеарно полнење, покажуваат извештаите на јужнокорејските разузнавачки агенции.

Тоа би било петто по ред тестирање на оружје за масовно уништување со оглед на тоа дека Пјонгјанг на 6 јануари наводно имал успешна проба на хидрогенска бомба.

Американскиот државен секретар, Џон Кери, го оцени потегот на Северна Кореја како „флагрантно кржење на резолуцијата на ОН за користење на балистичка технологија“ и најави воведување на „значајни мерки“.

Слично реагираше и јапонскиот премиер Шинзо Абе, а осуда испратија и генералните секретари на НАТО и на ОН, Јанс Столтенберг и Бан Ки Мун. Русија истакна дека Пјонгјанг „ги занемарил сите норми на меѓународното право“, додека Кина „изрази жалење поради лансирањето“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top