| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Никој нема корист да ја става мигрантската криза во функција на ситни политички поени

Нема корист никој да ја става мигрантската криза во функција на ситни политички поени. Се што се прави е во координација на Европските институции и земји членки. Грција е една од нив, изјави за МИА македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Изјавата на Попоски е на барање на дописникот на МИА од Атина, да го коментира прашањето на пратеничката на грчката опозициска Нова демократија и поранешна министерка за надворешни работи Дора Бакојани до шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во врска со „помошта на Европската комисија за зајакнување на македонската граница со цел намалување на приливот на бегалци кон Европа“.

– Соработуваме и ќе соработуваме со сите европски партнери и институции за справување со протокот. Република Македонија е транзитна земја и ќе ги преземе сите чекори за безбеден и хуман третман, пред се на мигрантите за кои ЕУ цени дека имаат право да бидат баратели на азил, истакна Попоски.

Бакојани во вчерашното писмено прашање до Коѕиас се повикува на „извештаи“ од Брисел според кои „Европската комисија ќе ја зајакнува инфраструктурата на македонската граница за да се забави приливот на бегалци во Централна и Северна Европа“.

– Планот се однесува на изградба на соодветни објекти на територијата на Македонија, далеку од грчката граница. За реализација на конкретните проекти, се промовира идеја за користење фондови на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, пишува Бакојани и прашува дали грчката Влада знае за овие планови и кои чекори ќе ги преземе официјална Атина за да се зачува позицијата на Грција во Шенген зоната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top