| четврток, 6 декември 2018 |

Дури сум жив ќе бидам на женска страна

Тоа ми е всадено уште од детството, во воспитувањето, растев со две сестри, тука е сопругата, трите ќерки, многу пријателки – така e и ќе остане

Иако рано наутро, во лобито на неговиот хотел нѐ пречека насмеан и подготвен за муабет, како и секогаш. Подготвувајќи се концертот на 13 февруари во Скопје, Жељко Самарџиќ вели сѐ повеќе размислува да запее на македонски и тоа во дует со Наум Петрески, кој ќе му биде гостин во салата „Борис Трајковски“.

Како некој што пее од памтивек, за себе вели дека отсекогаш знаел дека ќе биде популарен пејач, но судбината одредила тоа да му се случи во посериозни години. Додека да стане еден од најпознатите балкански пејачи, Самарџиќ помина низ многу животни турбуленции. За војната, за куршумот во нога, за бегството, за турнеите по поранешна СССР каде што постигнал мегапопуларност, сака еден ден да проба да напише и книга.

Дотогаш, ќе ужива со семејството, внуците, својот брод, рибарењето, а деновиве во неповторливата убава македонска енергија.

 

Релативно рано наутро го правиме ова интервју. Колку сте ранобудник?
Самарџиќ: Па, што знам, сега кога има тенис, Отворено првенство на Австралија, го следам Ѓоковиќ, па кога мечевите почнуваат порано, го навивам будилникот за да се разбудам. Но, синоќа имав убаво друштво, бев со Наум Перески и со Џаро и неколку мои пријатели од Македонија и седевме до еден часот навечер. Јас не сум навикнат да седам до доцна, понекогаш дури и многу рано си легнувам, но имам некаков адреналин кога сум во Скопје. Кога ќе ми јават дека ќе пеам во Македонија, имам едно посебно чувство, без никаква патетика, туку затоа што овде на секој чекор чувствувам љубов. Вие Македонците сте исклучително љубезни. И, знаете како велат, дом ми е каде што ми е убаво.

 

Често сте во Македонија, но Вашите солистички концерти се на посебен датум, дали е тоа Денот на вљубените или Денот на жената. Зошто?
Самарџиќ: Мојот концерт на Денот на вљубените во Скопје почнува да станува и традиција. Мојот прв концерт на тој датум беше во 2010 година во спортската сала „Борис Трајковски“. Тој концерт, всушност, го посветивме на Тоше Проески. Се сеќавам дека целиот приход од тој концерт го дадовме во тогаш основаниот фонд „Тоше Проески“, за што се чувствував и исклучително горд бидејќи со Тоше бевме одлични пријатели. Без разлика на разликата во години, одлично функциониравме како пријатели. Неодамна бев во Загреб, во концертната сала „Лисински“ со колегите имавме спомен-концерт за Кемал Монтено, на една година по неговата смрт. Тоа беше преубав концерт, полн со емоции. Предложив, со оглед на тоа што Кемал беше омилен од Вардар до Триглав, да направиме таков концерт и во Скопје и во Сараево и во сите поголеми градови од нашата поранешна заедничка држава.

Zeljko-Samardzic-int178-2

Имате и убави, но и интересни спомени од Скопје. Многумина сигурно се сеќаваат дека пред концертот во Скопје пред две години имавте проблеми со камењата во бубрегот, ги исфрливте токму тука и на сцена гордо ги покажавте…
Самарџиќ: Да, подоцна ми беше малку срам, но толку бев возбуден поради тоа бидејќи ми правеа такви тегоби и сакав таа радост да ја споделам со сите. Можеби на момент тоа беше непристојно и јас им се извинувам на сите што тоа го доживеаја така, но морав. Целата ноќ ја поминав во хотелската соба, си реков мајко моја, ќе можам ли некако да го отпеам концертот, толку ме болеше. И кога го решив тој проблем, јас си реков ова мора да го споделам со публиката. Го ставив камчето во едно кутиче како спомен од тој концерт, а беше баш добар концерт.

 

Колку е физички тешко да се издржи еден концерт?
Самарџиќ: Физички е исклучително тешко, посебно за луѓе што се во малку посериозни години, но јас се трудам, колку што е тоа можно, да го совладам тоа. Еве, моментно, морам да кажам дека сум страдалник, во некоја рака, бидејќи сум на диета. Ослабев седум килограми засега, бев многу дебел. Но, со оглед на тоа дека имам една специфична болест на тироидната жлезда, Хашимотов синдром, тие што боледуваат од тоа знаат, секое утро пијам таблета што ми дава баланс на организмот, да се чувствувам и да функционирам добро. Се разбира, не е лесно ни да се патува, бидејќи за мене концертот секогаш почнува во моментот кога ќе ја бакнам мојата сопруга на врата и кога ќе се поздравам со ќерките и терам понатаму. Сите мислат дека тоа е лесно, се качуваш на сцена и… Не, има многу пречки додека стигнеме до која било дестинација и многу ситуации во кои понекогаш едвај извлекуваме жива глава или ни се случува некој дефект на автомобилот, или е зима. Се разбира, тоа никој не го интересира и никој не смета на тоа, едноставно сакаат да дојдеш со многу љубов, многу емоции, со насмевка на лицето.

Zeljko-Samardzic-int178-3

Ги споменавте Вашата сопруга и ќерките. Колку тие и колку тоа што сте опкружен со жени има влијание на Вашата музика, песни, на самиот Вас?
Самарџиќ: Па, добро, тие се мојата песна, мојата љубов и мене ми се сѐ на светот. Како мал секогаш ги посматрав мојата покојна мајка и татко ми, кои премногу се сакаа, никогаш не подигнаа тон пред мене и моите две сестри, така што тоа ми е всадено во детството, во моето воспитување. Некако секогаш сум бил на женската страна. Со оглед на тоа што сум родител, имам три ќерки, сопруга, имав и сѐ уште имам многу драги пријателки, на кои им сум советник, бидејќи гледам од машки агол. Тоа, дефинитивно, така си остана и додека сум жив секогаш ќе бидам на женска страна.

 

Планирате некогаш да се пензионирате? Како си ја замислувате пензијата?
Самарџиќ: Јас веќе ги намалив своите патешествија. Порано одев секој ден во друг град, сега го правам тоа два-трипати месечно и правам големи концерти. Имам многу време за себе, за семејството и за пријателите. Имам куќа во Бока Которска, во Доброта кај Котор, и имам брод во кој навистина уживам. Страстен риболовец сум и штом почнат топлите и убави дни, од април, мај, јас се спуштам во заливот и тука го поминувам времето до 1 ноември, тоа ми е база. Кога имам некој поголем концерт, мојата екипа ме чека, ако е концертот во Македонија, во Белград, ако е во Хрватска, тогаш се наоѓаме во Мостар, мојот роден град и оттаму тргаме заедно. Значи по тоа прашање баш добро сум организиран. Јас не ги сметам зимите, туку колку од летото ми останало бидејќи, навистина, сакам лето. Кога би можел да си дозволам да живеам малку во Австралија, малку кај нас кога е лето, тоа би било супер (се смее).

Разговараше: Марина Костовска
Фото: Але­ксан­дар Ива­нов­ски
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top