– Поминавме година во која некој користејќи го СДСМ сакаше на највалкан можен начин да ја урне ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси. Сѐ беше совршено подготвено, но како што знаеме, не постои совршено злосторство. Во овој случај недостасуваше една финеса, која како и многупати низ историјата се покажа клучна за нашиот опстанок, која ја заборавиле, или во најмала рака ја потцениле, а тоа е народот – нагласи Груевски во своето обраќање пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, во кое главен акцент беше ставен на актуелниот момент во политичката криза.
– На 24 април доаѓаат казната и одмаздата на народот. Доаѓаат неговите пет минути. Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава – додаде Груевски.
Всушност, Груевски и овој пат потврди дека главниот фокус на ВМРО-ДПМНЕ е свртен кон народот, онаму од каде што го црпи легитимитетот последните десет години. Спротивно од навредите што опозицијата ги упатува кон народот, ВМРО-ДПМНЕ во него препознава капацитет и, како што посочи Груевски, „неверојатна моќ да ги препознае валканите игри и лошите намери“.
– Живееме во демократија. Нормално, еден ден, народот ќе ѝ даде шанса на друга партија да ја води државата, а ВМРО ќе отиде во опозиција и пак ќе се бори за Македонија. И пак потоа ќе дојде на власт. И партиите ќе се борат, ќе победуваат и ќе губат, но ќе се борат со мудрост, со идеали, со конкурентни идеи, со разум, со проекти и со реформи, со политики и со активности за благосостојбата на народот. А не со валкани игри и со манипулации – оцени Груевски.
Водич за современа партија
Обраќањето на Груевски, прво на вака голем партиски собир откако времено се повлече од премиерското место за да се исполнат новите услови согласно со договорот од Пржино, беше и своевиден водич за тоа зошто граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаваат современа партија и зошто анкетите ѝ предвидуваат десетта по ред изборна победа. Надоврзувајќи се на значењето на народот, тој посочи на четири пораки кои граѓаните ќе ги испратат од изборите по последната политичка криза.
– Во април народот на Македонија ќе ја земе работата повторно во свои раце и ќе испрати четири пораки: дека ова е негова земја и дека само тој – народот, одлучува во неа и е подготвен да ја одбрани од секој натрапник. Дека никој во иднина не смее да помисли со валкани игри, со соработки со служби и со малверзации да освои доверба на мнозинскиот народ. Дека не дозволува измамник и криминалец да ја води државата, и дека не само што тој одлучува во оваа држава туку и дека е мудар, а не глупав, за да може некој со лаги и со замајувања и без реална основа да му го промени ставот. Затоа СДСМ сега бега од изборите – сумираше Груевски.
Споредувајќи ги на извесен начин двата концепта, на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Груевски ги предочи разликите кои не само што ја држат опозицијата десетта година во опозиција, туку и во низа креира кризи во кои заложник е целата држава. Главна разлика, секако, е недостатокот на изборна програма на опозицијата во која би се препознале гласачите.
– Само оној што смета дека народот е глупав, во недостаток на креативни идеи за општо добро, може да верува дека ќе ја купи неговата доверба „продавајќи му“ нешто што народот веќе одамна го има: слобода и демократија – посочи Груевски.
Иако изборите се шанса за секоја политичка опција да го измери на терен својот концепт, главната карактеристика на македонската опозиција е што дури и во услови во кои со нејзините акции предизвикува предвремени избори, потоа гледа да избега од нив. Груевски се осврна на актуелните условувања од опозицијата за да учествува таа на изборите.
– Не може опозицијата да ги има во свои раце двете институции кои по закон и по устав се единствените што ги организираат изборите во државата, МВР и ДИК, и да го прави народот будала дека не може да се организираат фер и демократски избори – посочи Груевски, кој ја повтори и понудата за избор на европско решение за Закон за медиуми за да не биде и тоа прашање причина за опозициското бегство од изборите.
Во анализата на разликите на двата концепта, потсети и на главната замерка од критичарите – опозициското негирање на сѐ што е сторено во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не може за сѐ што прави власта да викаш дека не чини, а да не понудиш подобро. Сѐ што направивме, сѐ исплукаа. Од друга страна, мнозинството е задоволно од повеќето направени работи… Погледнете на што спадна СДСМ. Од некогаш сериозна, победничка и самоуверена партија, денес е партија на преплашено раководство – потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за однесувањето на СДСМ.
ВМРО држи до дадениот збор
Тоа што го најави претседателот на владејачката партија, беше дека и партијата и тој како нејзин лидер ќе опстојат на зацртаната карактеристика – да држат до дадениот збор. Притоа, упати и порака до опозицијата, која по неговото времено повлекување се обиде да создаде прашање околу присуството на Груевски на различни настани.
– Јас сум активен и ќе бидам уште поактивен заради народот што ми ја дал довербата, ако воопшто имате чувство што значи тоа. Јас ја предводев кампањата и ја побарав довербата од народот за мене и за мојот тим, за ВМРО и за нашата програма, нашите идеи и идеали – им порача Груевски, кој директно посочи „Гледајте и учете како се работи за Македонија, независно на која позиција си“, алудирајќи на временото повлекување од премиерската функција.
– Сакале вие или не, сѐ повеќе ќе ме гледате меѓу народот, земјоделците, студентите, пензионерите, меѓу сите на кои никогаш не им го свртев грбот и не ги заборавив кога им било најтешко, и никогаш не ми го свртеа нивниот грб и не ме заборавија кога ми беше мене најтешко. Ќе ме гледате наскоро на многу средби со народот низ различни градови и села, ќе ме гледате со мојот тим и со моите сопартијци како ги исполнуваме партиски и изборно дадените ветувања, но и како со народот ја договараме досега најдобрата и најсеопфатната, новата изборна програма за Македонија… Ќе ме гледате повеќе отколку во минатото, бидејќи полни со омраза кон мене, сакајќи да ме тргнете, ме ослободивте од многу административни, куртоазни и формални обврски за кои како премиер морав да посветам време – нагласи Груевски, кој не изостави да најави нови инвестиции и нови вработувања, цели кон што го посвети целиот досегашен премиерски, но и партиски мандат.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии