| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Додека Сирија е во војна, Европа нема да има траен мир

Претседателот Иванов посочи дека меѓународната заедница мора да биде многу внимателна на какви темели ќе ја гради новата Сирија и новиот Блиски Исток

Во изминатите 13 месеци низ Македонија минале над милион миграни и бегалци, што македонските институции ги чини милиони евра годишно. Македонија самата го носи тешкиот финансиски товар поради мигрантската и бегалската криза, нагласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањео на денешниот самит во Лондон за поддршка на Сирија и регионот, на кој лидери на повеќе од 70 држави бараат решение за намалување на приливот на бегалците кон европските земји, но и за финансиска помош за Сирија и регионот.

– Но, и покрај овој товар, Република Македонија како одговорен и солидарен член на меѓународната заедница во рамки на своите можности ќе придонесе во обновата на Сирија. Ако младите од Сирија и од поширокиот регион немаат надеж дека ќе имаат нормален живот во нивните татковини, тогаш ниту Европа нема да има траен мир. Затоа се вклучуваме кон напорите за обновување на надежта во Сирија во целиот регион за нормален живот ослободен од стравот и од сиромаштијата, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека меѓународната заедница мора да биде многу внимателна на какви темели ќе ја гради новата Сирија и новиот Блиски Исток.

– Подготвени сме да го споделиме нацртот од Македонскиот инклузивен демократски модел што подразбира интеграција без асимилација. Веруваме дека македонскиот модел на соживот е здрав темел врз кој можат да се обновуваат довербата и почитувањето на најдлабоките религиски разлики во Сирија и во регионот, порача Иванов пред присутните.

Искуството од Балканот, подвлече тој, покажа дека наметнатите постконфликтни решенија се тешко одржливи. За народот на Сирија, но и за поширокиот регион, истакна Иванов, е неопходно тие самите да го создаваат политичкото решение кое ќе се темели врз нивната автохтона политичка култура и традиција.

Целта на самитот што се одржува во Лондон, покрај тоа да се обезбеди поголема помош и поддршка за Сирија и на сите оние кои се погодени од кризата, е да се помогне и на државите кои прифаќаат бегалци, во насока на создавање економски можности за обезбедување работни места за бегалците и еднаков пристап до образовниот систем за децата – бегалци.

Домаќин на самитот е британскиот премиер Дејвид Камерон во заедничка соработка со Емирот на Државата Кувајт, Ал-ахмад Ал Јабер Ал-Сабах, германската канцеларка, Ангела Меркел, норвешкиот премиер Ерна Солберг, и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун. Меѓу присутните се претседателот на Хрватска, премиерите на Бугарија, Словенија, Грција, Србија, Чешката Република, Финска, Естонија, Кралството Шведска и Лихтенштајн. На настанот учествуваат и претставници на меѓународни и регионални организации, како од невладиниот и приватниот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top