| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватски „Агрофруктус“ најавува гринфилд-инвестиции во Македонија

­ Хрватската компанија „Агрофруктус“ најавува гринфилд-инвестиции во Македонија. По минатонеделното проширување на бизнисот со аквизирањето на три помали компании во Струмица и во Ново Село, од најголемиот откупувач на овошје и на зеленчук во регионот велат дека ќе се концентрираат на бизнисот со свежо и со конзервирано овошје. ­

agrofruktus

– Поради фактот дека „Агрофруктус група“ е сопственик на најголемиот и најмодерен откупно-дистрибутивен центар за свежо овошје и зеленчук на подрачјето на Република Македонија, се решивме за оваа аквизиција поради зголемување на капацитети што се на располагање, што е пократок пат за развој отколку органски пораст. Овој чекор ќе означува подобра организација на целиот синџир од производителот до крајниот потрошувач. Окрупнувањето ќе овозможи подобра организација на работењето, односно ќе се остварат синергиски ефекти и дополнително ќе се зголеми конкурентноста. Планот за идниот период е да продложиме со активностите во насока на натамошна концентрација на бизнисот со свежо и конзервирано овошје и зеленчук преку органски пораст, нови аквизиции и гринфилд-инвестиции во регионот, вели Тања Занова, управител на „Агрофруктус“, Струмица.

„АгроФруктус група“ ги аквизираше фирмите „Вант“ дооел, „Еуро­агрија“, Ново Село и „ВБА ФУТУРА“ дооел, Струмица со пазарна вредност од околу 6,5 милиони евра и годишен откуп од 20 илјади тони свежо овошје и зеленчук. Оттаму велат дека ланската година ја завршиле според планираната динамика. ­

– Не сме незадоволни со минатогодишната сезона, ги остваривме нашите планови и реализиравме успешна консолидација во работењето и сега сме подготвени за повеќекратен раст . „Агрофруктус група“ годишно откупува повеќе од 100.000 тони овошје и зеленчук – објаснува Занова.

Најголемиот дел од откупените свежо овошје и зеленчук патуваат надвор од границите на Македонија. ­

– Можеме да кажеме дека македонските производи имаат пласман во цела Европа. Македонија има голем волумен на стока и претставува голем потенцијал, но потребно е дополнително да се работи на технолошко развивање на производството. Исто така, потребно е да се дефинираат производите за кои што ја имаме компаративната предност, односно оние со кои што навистина ќе бидеме конкурентни на пазарот. Сето она што е конкурентно и со стандардизиран квалитет секогаш го пронаоѓа вистинскиот пат и истото реално може и да се продаде – вели Занова.

Откупно-­дистрибутивниот центар на „Агрофруктур група“ почна со работа во октомври 2011 година. Се простира на површина од 8 илјади квадратни метри, со дневниот капацитет на откуп од 200 и 300 тони. Според проценките во него досега се инвестирани околу 20 милиони евра. Таму постојано се вработени 25 лица, но во текот на откупната сезона нивниот број досега изнесувал 100, велат од компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top