| четврток, 6 декември 2018 |

Почина Нада Прличкова

По кратко боледување, на 91 година, во Скопје вчера почина госпоѓа Нада Прличкова, долгогодишната, но и легендарна суфлерка на Македонскиот народен театар.

bbd47587-2bb9-4be5-91ca-9dd51ca23dba

Суфлерите се дел од „невидливиот“ театарски ешалон, од онаа дискретна, заднинска и, во принцип, поданички верна армада „цивили“, без која театарот не функционира воопшто, било во целина, било во својот перформативен/уметнички сегмент. Природата на суфлерската работа е таква што  нив ги прави и буквално најтивки во сета „невидлива“  театарска армада на која ѝ припаѓаат. Бидејќи, нели, суфлерите работат – шепотејќи. На актерите тие им се нешто како сенки: секогаш „допирливи“ во најкритичниот миг (кога умот ќе застане, та не им  текнува што треба да кажат или да сторат…), ама никогаш забележливи или, чувај боже, „наслушливи“ од гледалиштето.

Првите професионални суфлери во 70-годишната историја на МНТ се  Нада Стојкова, подоцна Прличкова и Божидар Тодоровски. Доајените на МНТ секогаш кажувале дека и двајцата им биле повеќе од партнери. Ама Нада им била некако поблиска.

Илија Џувалековски велел дека, скриена зад кулисите, Нада буквално дишела со него, знаејќи што мисли, но и знаејќи му го текстот подобро отколку што самиот го знаел. Личко често се подбивал со Петре Прличко, за кого Нада се омажила на 17 април 1960 година, велејќи дека нему му е лесно да биде кабадахија, на сцената и во животот, кога тоа постојано трчка околу него и внимава на сѐ. Внимавала цели 35 години, до самиот крај во ноември 1995 година, ама и отаде. Перица беше и остана вечниот лајтмотив на сите муабети.

Тивка, децентна, трпелива, безгранично посветена на сцената и во животот, госпоѓа Нада Прличкова векот си го поминала – шепотејќи.

Пред повеќе години, сета театрографска граѓа и сите меморабили собрани во домот на Прличкови  таа ги подарила на Музејот на МНТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top