| четврток, 6 декември 2018 |

„Невестинска модна вечер“ третпат во МНТ

Идните невести ќе имаат можност да ги видат најубавите венчални фустани на третата „Невестинска модна вечер“ која ќе се одржи на 5 февруари во 19 часот, во Македонскиот народен театар во Скопје, информираат од Моден викенд Скопје.

Вечерта ќе ја отвори салонот за венчаници „Зиане“ кој по 22 години од своето работење се сели во нов салон на досегашната локација во трговскиот центар „Беверли Хилс“ во Скопје.

На вечерта посветена на венчаници, свечени тоалети и се она што е потребно за организирање на свадбениот ден, ќе има ревии на домашните ателјеа за венчаници „Ал Апарел“ со најновата колекција „Ретки бисери“ и „Елизабет дизајн студио“. Третпат учествува и косовската модна куќа „Менакон“ чии креации ги потпишува Надире Зимбери. Од Косово премиерно ни доаѓаат дизајнерката Теута Матоши- Дурики и ателјето „Влора и Калтрина фешен дизајнерс“ со колекцијата „Precious dreams“ . За декорација на просторот ќе се погрижи Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа –Бу“.

– Настанот кој веќе прераснува во традиција , од претходните искуства покажува дека идните невести кои присуствуваат на ревиите многу полесно го наоѓаат својот вистински модел бидејќи имаат можност веднаш да го видат комплетниот изглед – шминка, фризура и фустан – велат организаторите.

Покрај организацијата на најголемиот моден настан што се случува кај нас, Моден викенд Скопје третпат ја организира „Невестинска модна вечер“ која воедно е и прва од ваков тип во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top