| четврток, 6 декември 2018 |

Не му се допѓала водителката – Трамп бојкотира ТВ-дебата

Водечкиот претендент за претседателска номинација кај Републиканската партија Доналд Трамп ја бојкотираше последната телевизиска дебата, но тој и натаму останува на челната позиција.

Њујоршкиот милијардер, кој влезе во американаката политика, одби да учествува во дебата, чијшто домаќин беше телевизијата „Фокс“, поради неговиот судир со раководството на компанијата.

Трамп бараше од „Фокс“ да ја повлече од водителската функција во дебатата новинарката Мегин Кели тврдејќи дека таа има „предрасуди“ кон него.

Според американските медиуми, кога „Фокс“ го одбила тоа, Трамп се обидел да се спогоди со компанијата сугерирајќи и да уплати пет милиони долари во хуманитарната фондација што ја има создадено. Кога „Фокс“ и тоа не го прифатила, политичката дебата се одржа без водечкиот претендент.

Политичките набљудувачи оценуваат дека иако некои од противкандидатите, како сенаторот Тед Круз, го исмевале отсуството на Трамп, а посебно причините за тоа, сепак, Трамп останал „неповреден“ затоа што неговото отстуство не ја намали предноста што ја има во однос на второпласираниот Круз.

Трамп се обиде да ја засени дебатата учествувајќи на една манифестација на воените ветерани на која промовираше дел од своите политички ставови. Не успеа во тоа затоа што во дебатата без него гледачите можеа да слушнат повеќе за позициите на другите претенденти.

В понеделник, во сојузната држава Ајова, сите кандидати за претседателска номинација од двете партии, се соочуваат со првиот вистински тест за нивните позиции во јавноста, кога гласачите ќе ги изнесат своите видувања за номинацијата на секој од кандидатите.

Такви проверки на позициите на претендентите за номинација ќе се одржат во сите сојузни држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top