Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 85. седница не го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите, во прво читање предложен од опозицијата.
Во текот на расправата Марјанчо Николов од СДСМ образложувајќи го предлогот истакна дека со него се бара наместо Владата, Собранието да ја носи фискалната стратегија. Целта е вели значително да се зајакне контролната функција на Собранието, да се зголеми фискалната дисциплина на Владата, транспарентноста во трошењето на парите од граѓаните и да се намали можноста за корупција и незаконско и ненаменско трошење.
Тој изложи и примери за, како што рече, отстапувања на Владата од нејзината фискална стратегија, која вообичаено се носи за период од три години и е среднорочна проекција за приходите и расходите на буџетот на државата. За перидот 2010-2012 со фискалната старегија бил предвиден дефицит од 2,5 отсто од БДП, а направен е дефицит од 3,8 проценти. Со фискланата старегија за перидот 2011-2013 предвиден е дефицит од 1,9 а напаревен е вели дефицит од 3,8 отсто.
Секое пречекорување на планираниот дефицит во буџетот претсавува нов долг за државата, а за последните три години Владата, нагласи, потрошила 312 милиони евра повеќе од предвиденото со фискалната стратегија.
– Вакво кршење на фискалната дисциплина е опасно за РМ, за стопанството, и за сегашноста и за иднината на земјата. Ако Владата носи фискални стратегии кои самата не си ги почитува за жал граѓаните на РМ, ќе стануваат се позадолжени. Она што треба да загрижува е што и со последната фискална стратегија од 2016 – 2018 јавниот долг да ја надмине границата од 50 проценти и изнесува 52 отсто, што е опасно ниво. Ако Владата тоа го предвидела, а не си ја почитува стратегијата постои опасност Македонија да стане презадолжена земја. Јавниот долг од 2008 години заклучно со третиот квартал од 2015 година е двојно зголемен од две на четири милијарди евра, рече Николов.
Тој додаде дека доколку фискалната стратегија се усвојува во Собранието нема да имаме ситуација Собранието да одобри еден дефицит, а Владата да троши повеќе.
Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во сите парламентарни демократии стартешките документи и оперативните политики за нивно спроведување ги носи извршната власт. Според него, целта на предлогот е да наметне дискусија дека Владата неодговорно ја задолжува државата и да презентира апокалиптични сценарија дека само што не се случил банкрот и оти нетранспарентно ги троши јавните пари.
– Стратешките документи се правци кон кои не мора слепо да се придржуваме. Особено кога надворешното опкружување е различно од предвидувањето и може да не доведат до погрешни економски политики. Од една страна ние ќе ги оствариме тие таргети, но слепото придржување кон нив ќе не доведе до рецесија. Таквото строго придржување го правеа некои држави. РМ во услови на фискален простор за зголемување на јавниот долг со кои средства беа двојно зголемени капиталните инвестиции озвоможи работа на многу компании и наспроти отпушатањата од работа, намалување на плати и пензии, во Македонија во услови на криза расте вработеноста, да растат социјалните трансфери и драстично да се зголемуваат капиталните инвестиции кои овозможија двоцифрен раст во градежништвото и во други гранки, рече Цуклев.
Според Лидија Димова од СДСМ потребно е фискланата стартегија да се носи во Собранието и поради европската агенда, бидејќи и ЕК во последниот извештај побарала покрај Економска претпристапна програма да носиме Национална реформска економска програма која покрај претпристапната програма ќе содржи и економска фискална програма, затоа што рече, оценила дека државата има проблем околу оваа програма.
Владанка Авировиќ од СПМ реплицираше дека ваквата анализа на Димова има недостатокот, а тоа е што не нуди компаративна аналза со останатите земји во ЕУ во споредба со Македонија, а таму, вели, се случува отворена борба помеѓу сите европски земји, кои не сакаат да ги почитуваат и спроведуваат фискалните правила и стратегии кои сами ги донесуваат.
– Акционите програми на ЕУ пропагаат затоа што сите мерки што ги преземаа во фискалните стратегии не се остваруваа во Европа. ЕУ има 0,5 отсто раст на БДП со сите документи што ги кажувате и акциони програми и Владите ги одбиваат веќе затоа што не носат резултати. И немојте да ја гледате Македонија како изолиран случај без да ја споредувате. Каде е Хрватска, Србија и останатите земји кои имаат негативен раст, рече Авировиќ и укажа на позитивните економски резултати на земјата во услови на криза.
Сашо Поцков од СДСМ се осврна на потребата за носење на овој закон, и заради како што вели непостоење на независна контрола во трошењето на јавните финансии. – Имаме постојано правење буџетски дефицит поголем од дозволеното, а немаме никакви механизми, односно санкции за казнување на одговорните луѓе за тоа ниту имаме независна контрола за трошењето на буџетските пари, рече Поцков.
По редовната пауза треба да започне дебатата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, исто така поднесен од опозицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.