| четврток, 6 декември 2018 |

Градот што Хитлер сакал да го срамни со земја, но ни нацистите, ни 872 дена крвава опсада не успеале да го уништат

Едно од најтрагичните и најужасни поглавја на Втората светска војна била опсадата на Ленинград (денешен Санкт Петербург) во Русија. На денешен ден, 1944 година, по речиси 900 дена, пробиена е опсадата на Ленинград, кој од сите страни го имале опколено нацистичките сили.

leningrad

Опсадата на Ленинград во историјата се памети како можеби најкрвавата опсада, чиј точен број на жртви и денес сѐ уште не утврден, но некои претпоставки велат дека во 872 дена, колку што траела опсадата, убиени се или починале до 1,5 милиони цивили.

Условите во текот на опсадата биле стравични, а зимата 1941-1942 година, била посебно јака и температурата во Ленинград се спуштала и до минус 40 степени. Без греење, цела водоводна мрежа била замрзната, а единствено решение било да се вади вода низ дупка од замрзнатата река Нева, која поминува низ Санкт Петербург (тогашен Ленинград).

Многуте сведоци кои го преживеале ужасот на таа опсада зборувале за умирање од глад или смрзнување среде улица како секојдневје додека траела нацистичката опсада. Луѓето паѓале и умирале, а на пролет се гледало како телата на починатите пловат по реката Фонтанка. Тоа била реалноста од која ни децата веќе не се ужаснувале.

Но, тоа не било најлошото, бидејќи во текот на опсадата почнале да се појавуваат случаи на канибализам, бидејќи снемувало делови од труповите кои едноставно умирале на сред пат. Жртви биле и жени и деца, а некои од сведоците тврдат дека за време на опсадата тоа им било добро познато на сите.

Лениград прв… Москва последна

Војската на Хитлер го опкружила Ленинград од сите страни, но постоела една многу опасна линија за снабдување, која водела директно преку површината на смрзнатото езеро Ладог. Тој пат Русите го викале „пат на животот“. На граѓаните на Ленинград им била ограничена секојдневната конзумација на леб на речиси 125 грама.

Хитлер го замислил заземањето на Ленинград како само уште еден од низата потези со кои би се елиминирала Советска Русија, како закана за германската доминација во Европа. На 6 август 1941 година, Хитлер го заповедал следново: „Ленинград прв, подрачјето околу Донецк второ и Москва трета“.

Планот на Хитлер: Да се избрише Ленинград од лицето на земјата

Ултимативниот Хитлеров план бил да се срамни Ленинград со земја, а подрачјето северно од Нева, таканаречениот Карелиан Истхмус, кој Финците го загубиле во Зимската војна, да им се врати токму на Финците.

Финските сили го опколиле Ленинград од север, а германските од југ. Планот бил добро подготвен, а германските научници дури пресметале дека граѓаните на Ленинград требало да почнат да умираат од глад после неколку недели. Тоа не се случило, но она што се реализирало според планот било прекин на сите комуникациски линии кон Ленинград и по целата линија од Балтикот до Црно Море, кој Хитлер ги контролирал.

Германскиот воен врв ги разгледувал начините како да се уништи Ленинград, а неговото окупирање е исфрлено како опција, бидејќи тогаш би морале да мислат и на линии за снабдување после тоа. Се одлучиле за опсада, изгладнување на жителите и бомбардирање на градот. После тоа планирале да влезат во градот и целиот да го срамнат со динамит, па според договорот со Финците, подрачјето северно од реката Нева, да им го дадат нив.

Од „Патот на животот“ до „Патот на смртта“

За одбраната на градот да можела да се одржи, било потребно да се воспостави линија за снабдување на било каков начин и по било која цена, а тоа единствено било возможно преку езерото Ладог, додека било замрзнато. Тоа било единствениот дел од подрачјето околу Ленинград кој не го држеле Германците.

Русите тој снабдувачки коридот го нарекле „Пат на животот“, но брзо потоа заради високиот број на умрени луѓе е наречен „Пат на смртта“. Сепак, помошта ситигнувала до Ленинград, овозможувајќи им на одбранбените руски сили да и даваат отпор на нацистичката војска, а на цивилите им давала надеж и спас.

Советските сили во два наврати се обиделе да ја пробијат опсадата на Ленинград, со офанзивата Сињавино и со операцијата Искра.

Русите на 9 август, пред операцијата Сињавино, на Германците им ја пуштале преку разглас Симфонијата бр.7 „Ленинград“, Димитри Шостакович, која која ја изведувал ленинградскиот радиски оркестар. Во раната есен 1942 година советката армија 2.и 8. армија се поврзале со силите на ленинградскиот фронт и започнале противнапад на германските позиции.

Германците истовремено планирале и своја противофанзива под име Нордлихт (Северно светло), но Русите ги надмудриле и сопреле во намерата. Сепак, советските сили не успеале да ја пробијат блокадата, а дел од 2.армија е уништен во текот на таа операција, во која по прв пат е користен најновиот германски тежок тенк – Тигар.

Вториот обид бил операцијата Искра, која на 18 јануари 1943 накратко го пробила опсадниот обрач уништувајќи ги силно утврдените германски позиции јужно од езерото Ладог. Коридорот од 10 до 12 километри ширина, кој е накратко отворен, успеал барем донекаде да ги ублажи последиците на опсадата, но тоа било само на кратко.

Било потребно да се чека до 27 јануари, 1944 година, кога опсадата на Ленинград конечно е ослабната и кога советските сили ги разбиле германските позиции на јужниот дел од Ленинград. Во летото истата година, финските сили доживеале нов пораз од советските сили, но после тоа, подрачјата кои ги изгубиле уште во Зимската војна, повеќе никогаш не ги окупирале, а лекцијата ја научиле. Некои велат дека токму заради тие тешки искуства со Русија, не влегле ниту во НАТО сојузот.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top