Универзитетот „Гоце Делчев“ го распиша конкрусот за доделување на 500 стипендии за најдобрите студенти од сите факултети и студиски програми.
– Овој Фонд за стипендирање на студентите ќе работи на принципот на обезбедување средства од донации од бизнис секторот и стопанството и средства што Универзитетот ги издвојува за поддршка на добрите студенти, како една темелна поддршка во делот на тоа дека сакаме да имаме добри студенти. Сакаме да ги стимулираме за нивно добро и квалитетно образование, а како универзитет ќе ја поддржуваме оваа акција до крајни граници и секоја година во иднина ќе го правиме ова во зависност од тоа какви средства ќе обезбедиме во овој Фонд, истакна ректорот на Универзитетот, Блажо Боев на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека со доделување на стипендиите во висина од 200 евра, студентите ќе имаат чувство дека се важен дел од штипскиот Универзитет.
За првпат, штипскиот Универзитет и бизнис заедницата имаат ваков тип на соработка за доделување стипендии. Досега соработката со бизнис заедницата била во делот на праксата која ја добиваат студентите во компаниите и рудниците во источна Македонија.
– Нема ништо комплексно во критериумите. Станува збор за електронска апликација, која е направена и поставена на веб страницата на Универзитетот, каде што студентите се најавуваат само со име и презиме и број на индекс и основна работа е да имаат просек над девет, појасни Боев.
Тој најави дека во преговори се со бизнис заедницата за нов проект за стипендирање на студентите, за кој, како што вели, компаниите ќе можат да дадат свои критериуми за одредени студенти, кои ќе склучуваат договори со нив.
– Ние ќе бидеме само посредници за овој тип на договори, односно поддршка на квалитетните студенти за кои сметаме дека треба да ги поддржуваме како Универзитет, потенцираше Боев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.