| четврток, 6 декември 2018 |

57 полицајци на земји-членки на ЕУ­ патролираат во Македонија, Брисел бара начин за финансиска помош

berto

Европската унија минатата недела извршила инспекција на територијата на Република Македонија со цел да ги утврди потребите на земјата за тоа како Брисел да ѝ помогне финансиски и материјално на земјата во соочувањето со бегалската криза. Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска го потврди портпаролката на Европската комисија задолжена за бегалската криза, Наташа Берто, која исто така потврди дека 57 полицајци од земји­-членки на Унијата се веќе на македонска територија и ја бранат македонската граница од Грција, која е земја­-членка на ЕУ и на шенгенската ­зона од напливот на мигранти и на бегалци.

Берто денеска потврди и дека претседателот на Еврокомисијата, Жан ­Клод Јункер го добил писмото на премиерот на Словенија, Миро Церар, во кое првиот човек на словенечката Влада бара од Брисел „да ѝ помогне на Македонија да ја затвори границата кон Грција и да ја спаси Европа од мигрантскиот наплив“. ­ -Минатата недела, Фронтекс имаше мисија на територијата на БЈР Македонија за да видат какви финансиски потреби има земјата и какви материјали ѝ се потребни на оваа земја за да можеме да ѝ помогнеме. Фронтекс како агенција нема опција под овој мандат да изведува операции на територија на трети држави – посочи Берто.

Во однос на соработката меѓу Грција и Македонија, таа посочи дека за време на состанокот меѓу лидерите на земјите долж западнобалканската мигрантска маршрута во октомври, точка 1 од заклучокот го покрива ова прашање, при што има ветување и обврска за поголема соработка со Грција и дека „затоа има Фронтекс ­операција на грчка страна на грчко­-македонската граница”.

-­ Фронтекс им помага на грчките власти да регистираат и да земаат отпечатоци од прсти на мигрантите. Во овој дел ние имаме зголемена соработка на Грција со соседните земји – посочи Берто.

За барањето на премиерот на Словенија, Миро Церар, испратено до Жан ­Клод Јункер за Брисел да ѝ помага на Македонија да ја затвори границата кон Грција за мигрантите, портпаролката Берто потврди дека Јункер го примил ова писмо и дека одговорил.

­- Коресподенцијата меѓу нив не е јавна, но можам да потврдам дека Јункер го доби писмото и му се заблагодари на словенечкиот премиер за сугестијата. Може само да откријам дека претседателот на Еврокомисијата му порача на Церар да се задржи моментумот и да се интензивира работа на западно­балканската маршрута во рамки на нашата соработка со БЈР Македонија, откако Брисел ја заклучи мисијата во БЈР Македонија. На ЕК сѐ уште ѝ треба официјална оценка и ние како ЕУ и земјите-­членки може да соработуваме со трети земји на западно­балканската маршрута за менаџирање и контрола на напливот на мигранти- посочи Берто.
Таа повтори дека на состанокот на лидерите на 12 земји од Западен Балкан во октомври минатата година во Брисел е договорено земјите да ја напуштат политиката на пропуштање луѓе од една во друга земја и дека тие, меѓу кои беше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, се договориле да се стави крај на таа практика и да се обезбеди луѓето што доаѓаат во земјата, систематски да се регистрираат, идентификуваат, да им се земаат отпечатоци и да им се спроведе нормална азилантска процедура во земјата каде што влегле, како и процедура за враќање ако некои од бегалците нелегално влегле во ЕУ.
Гласноговорничката на Европската комисија задолжена за бегалската криза, исто така, потврди дека во петокот е одржана 13­. видео­конференција меѓу контакт ­точките од 12­ земји долж западно­балканската мигрантска маршрута, меѓу кои е и државната секретарка во македонското Министерство за внатрешни работи, Анастасија Илиеска.
Според портпаролката Берто, на конференцијата се ажурирале капацитети за прием на бегалци, при што само е забележан прогрес во Грција, каде на постоечките 12 илјади сместувачки капацитети, УНХЦР поставил дополнителни 1.000 места. Таа потврди дека ниту една од останатите земји, меѓу кои и Македонија, не понудила дополнителни сместувачки капацитети.
­- Соработката со БЈР Македонија е изразена на лидерскиот сотанок во октомври 2015 година, каде што е посочено дека е потребно да се има контролиран наплив и да се успори и контролира движењето на луѓе од ЕУ и низ ЕУ. Како што знаете, мандатот на Фронтекс не дозволува да оперира во трети земји и затоа истражуваме други начини за да ѝ асистираме на БЈР Македонија. За таа цел испративме мисија во земјата минатата недела, за да откриееме како да им помогнеме. А, веќе има случај дека некои земји­ членки на ЕУ испратиле билатерална помош на земјата, па 57 полицајци од други земји­-членки на Унијата веќе оперираат во БЈР Македонија, односно на нејзината страна на границата. Но, јасно е дека ни треба повеќе и ова може да се обезбеди билатерално, а ние од страна на Комисијата гледаме што финансиски и материјално да обезбедиме – посочи Берто.
Во однос на тоа каква е сега сорабитката и комуникацијата меѓу Македонија и Грција за бегалците, портпаролката на Еврокомисијата, Берто, се повика на соопштението во петокот по видео­конференцијата на контакт­ точките.

-­ Поентата на овој состанок беше дека Грција и БЈР Македонија го поздравија подобрувањето на односите и соработката меѓу нив, иако има и генерализирано повторување  на посветеноста од сите да обезбедуваат и да разменуваат информации меѓу себе. Утринава, во Амстердам, на маргините на неформалниот Совет за внатрешни работи, ќе има и друг состанок на членовите на западно­балканската маршрута, меѓу кои Германија, Австрија, Словенија, Австрија, Србија, БЈР Македонија и Грција, како претставници на Еврокомисијата и на Холандското претседателство со Унијата. Тие утринава ја разгледуваат ситуацијата и ќе ја повторат посветеноста за продолжување на дијалогот меѓу нив и размена на информации кога станува збор за движењето на луѓето – додава Берто.
На оваа изјава, главниот портпарол на Еврокомисијата, Гркот Маргаритис Схинас од Солун, додаде дека е „подобра комуникацијата меѓу Скопје и Атина, отколку што Скопје и Атина мислат дека е“.
Инаку, токму на денешниот неформален Совет за внатрешни работи на ЕУ во Амстердам, Австрија го повторила ставот дека е потребно да се исфрли Грција од Шенген­зоната поради несоработка и несправување со мигрантската криза, како и границите на Шенген да се поместат во Западна Европа.
­- Прво, нема план да се исклучи Грција од што било. Никогаш не сме дискутирале за некаква суспензија од Шенген или за исклучување на член на Шенген­зоната. Оваа опција не постои под сегашните правила. Дискутираме можност што постои под шенгенскиот граничен код, за користење на член 19 и 26 и како што претседателот на Европската комисија, Жан ­Клод Јункер неодамна кажа, да имаме шенгенско применување на Шенген – порача на крајот портпаролката Наташа Брто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top