Потрагата по закопано богатство може да се каже дека е хронична болест во Србија. Причина се безбројните војни и преселби, од предисторијата до денес. Жителите на овие простори многу пати морале да спасуваат глава носејќи ги нај основните работи, а големите и малите ризници ги криеле на тешко достапни места со надеж дека еден ден ќе се вратат. Тие очекувања често останувале пуста желба, па низ Србија останале безброј скривници што чуваат секакво богатство, од ќупови со златници до златни кочии. Барем така велат „златарите“, како што се нарекуваат во народот трагачите по злато, пишува „Вечерње новости“.
Најмногу ги има во источна и во југоисточна Србија, каде што потрагата по скриени ризници е дел од фолклорот. Многу пред да стигнат детекторите за метал на нашите простори, жителите на овие сиромашни краеви преземале ризични потфати со надеж дека ќе најдат злато, кое ќе ги извади од бедата.
– Без никаква опрема и планинарско знаење, ги истражиле сите недостапни стрмнини и карпи, поминувале низ подземни сифони полни со вода со батерии и облека во најлонска кеса и нож во забите, останувале надвор од дома повеќе недели, па и месеци, а семејствата не знаеле за нив.
Таквото однесување е последица од перманентната златна треска, верувањето дека во пештерите е скриено големо богатство, ајдучко, турско… Поради тоа, ова сознание е тајна која се пренесува од колено на колено – вели проф. д-р Раденко Лазаревиќ, голем српски спелеолог, кој прв ја истражил Рајковата Пештера.
Меѓутоа, не сонуваат само сиромашните за таинствените ризници. Дека ни крунисани глави не се имуни на приказните за закопаното богатство, покажуваат сведоштва од август 1915 година, кога регентот Александар тајно отишол во манастирот Бањска, на кралот Милутин. Началникот на Звечанскиот округ Ѓока Матиќ и Милутин Поповиќ, шеф на месната контрола во Скопје, биле надзорници на ископувањата во манастирската Црква Свети Стефан, каде „очекувале големо богатство‟. По неколку денови во подот на храмот откриен е гроб со скелет на кој светкал прстен.
– Масивниот прстен од злато беше гравиран, со златна круна. Од горе имаше двоглав бел орел – оставил сведоштво Поповиќ.
Тој го предал прстенот на извесен Церовиќ, а Церовиќ на регентот Александар. Подоцна било утврдено дека скелетот припаѓал на кралицата Теодора, мајка на цар Душан. Изгледа дека и во овој случај се покажало точно верувањето на вистинските трагачи за злато, дека во светости не се пипка, бидејќи тоа носи несреќа. Југословенскиот крал во 1926 година го дал малерозниот прстен на адвокатот Благоја Барловац во тајност да го подари на Народниот музеј.
По Втората светска војна музеите откупувале предмети кои ратарите ги наоѓале случајно на своите ниви. Во книгите на музеите често се повторуваат исти имиња на „чесни наоѓачи‟, што укажува на професионални препродавачи на антиквитети. Во 70-тите години родена е вистинска археолошка мафија. Одбраните препродавачи на антиквитети поврзани со тогашните полициски структури добиле детектори кои ги поделиле на мештаните на селата на просторот на големите антички наоѓалишта: Сирмијум, Виминацијум, Јустинијана Прима, Феликс Ромулијане и други. Тоа било табу тема се додека не избиле неколку меѓународни афери. Приказната за колекцијата Севсо, од византиско сребро со милионска вредност и спречувањето на шверц на аварски златен појас тежок 1,2 килограми, откриен е шверцерски канал кон Виена. Според сведоштвата на колекционерите, тоа било главна рута за шверц на антиквитети, а нејзината сива еминенција и сопственик на една од најголемите европски нумизматички колекции бил семоќниот шеф на тајната полиција Стане Доланц.
90-тите години донеле нов вид на лов на богатство: кражба на музејски депоа, од огромни размери. За чудо, музеите во кои стигнувале предмети од големи наоѓалишта немале аларми, ни ноќно обезбедување, поради што биле лесен залак за крадци кои во нив се враќале и по неколку пати. Стоката одела по истиот канал кон Виена, како и во СФРЈ, па се претпоставува дека братството и единството било зачувано барем во криминалниот свет. Во криумчарењето, според сведоштвата на дивите копачи, се вклучиле и некои амбасади кои драгоцениот плен го транспортирале по дипломатска пошта. По влезот на НАТО на Косово, хеликоптери на КФОР слетале на остатоците на Јустинијана Прима кај Лебане, а војниците со детектори биле видени како го истражуваат тој свет град на византискиот цар.
Во потрагата за богатство отворено влегла и Војската на Југославија кога нејзини инжинери од јули до октомври 2000 година со минирање и со тешка механизација го уништиле локалитетот Шупљи камен крај Бела Паланка. Според легендите, во таа карпа со необичен отвор била скриена ризница со огромна количина на злато кое е припишувано на византискиот цар Василиј, царот Душан но и на Крале Марко.
Мештаните на селата Црвена Река и Шпај, чии куќи распукале од деноноќното минирање, ја тужеле Воената пошта 5464/2 во Ниш која ги изведувала тие работи и откриле на медиумите дека војската бара скриено богатство. Во многубројни интервјуа и пред судот повториле дека Шупљи камен е обиколен со густа стража и повеќе пати го посетил и тогашниот началник на Генералштабот на Војската на Југославија.
Пукнала срамота и малкумина верувале на официјалните соопштенија дека војската ја минира Шупља карпа поради поправка на локалните патишта. Во таа приказна не поверувале ни експертите на Белградскиот завод за заштита на спомениците, сведоци на слична потрага за богатство на Косово. Тие покажале траги на огроми работи на репортерите на „Новости‟ во текот на посетата на скриената шумска долина каде се наоѓаат урнатини од средновековниот манастри Касталјан, оставнина од деспотот Стефан. Според легендата, во брдото на кое се потпирале манастирските ѕидини била скриена деспотската ризница. Воената механизација го преполовила брдото и ги срушила ѕидовите, но ништо не било најдено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст