Пред нас е сосема нова година, но побарувачката за работна сила останува со стара тенденција. Имено, програмерите, градежниците, инженерите, агентите за продажба, работниците во производствена и во преработувачка индустрија сѐ уште најдобро котираат на пазарот на труд во земјава. Сѐ побарани се и стручните работници, правниците, магационерите, келнерите, шивачите на текстил, а професијата продавач веќе подолго време е меѓу врвот на листата најбарани професии. Се очекува овој тренд да продолжи и оваа година, иако ветерот на промени најaвува дека се менува структурата и побарувачката на профили на работници на пазарот, па сè побарани ќе бидат стручните работници и тоа најмногу заради странските инвеститори кои побаруваат нови профили на работници. На пазарот на труд во моментов има околу 5.000 слободни работни места.
– Побарувачката на работна сила со години е речиси иста. Со оглед на тоа дека најчесто приватните бизниси се речиси од идентичен профил, се отвораат угостителски објекти и продавници, нормално е најголема побарувачка да има токму за продавачи и за келнери. Освен што се отвораат нови објекти и постојните се шират и бараат таков вид работници. Сепак, наскоро се очекуваат промени, кои се веќе „срамежливо“ започнати со зголемување на побарувачката на кадри за новоотворените фабрики од страна на странските инвеститори. Тие бараат кадри за информатички технологии, работници за производните линии. Очекувањата се дека побарувачката за овие профили допрва ќе расте – едногласни се експертите.
И истражувањата на Агенцијата за вработување потврдуваат дека професионалците од информатичките технологии, инженерите и кадрите од техничко-технолошките струки веќе подолг период се на цена на пазарот на труд, и дека овие професии и понатаму ќе бидат најбарани. Поконкретно, во иднина сè почесто ќе се бараат професиите програмер, информатичар, градежен инженер, архитект, архитект- проектант, машински инженер, инженер технолог, фармацевтски технолог, електроинженер.
Од профилите со средно образование, пак, најбарани се комерцијалистите, градежните техничари, операторите на медицинска опрема, текстилните техничари, шивачите, шивачите на текстил, кројачите, продавачите, браварите, столарите, заварувачите, армирачите, лимарите, градежните работници. Сѐ почесто се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.
Според податоците на АВРМ, најбарано занимање е продавач, келнер, па работници за едноставни работи. Барани се и магационерите, лозарските работници и работниците за преработка на тутутн. Сѐ побарани се и обезбедувачите, како и возачите на такси и референтите за правни работи.
Што се однесува до заработката, статистика регистрирала дека просечната годишна бруто заработувачка за 2014 година во Македонија изнесувала 397.739 денари, додека просечната месечна бруто заработувачка за октомври 2014 година изнесува 31.590 денари. За еден час, во Македонија просечно се заработува 174 денари. Ова се дел од податоците на Државниот завод за статистика за структурата на заработувачката за 2014 година.
Податоците покажуваат и дека мажите заработуваат повеќе од жените. Просечната месечна заработувачка на мажите за октомври 2014 година изнесувала 32.869 денари, додека за жените изнесувала 29.979 денари.
Статистиката регистрира дека во земјава, сепак, искуството е на цена. Имено, според старосните групи, најплатени се мажите на возраст над 60 години, со 37.425 денари и од 35 до 39 години, со просечно 35.311 денари месечно. Кај жените, највисоката просечна месечна заработувачка се забележува кај оние на возраст над 60 години, со 37.561 денар и од 55 до 59 години, со 31.868 денари месечно.
Кога станува збор за работниот стаж, највисока заработувачка имаат мажите што имаат работен стаж од пет до девет години – 36.651 денар, и жените со работен стаж од 15 до 19 години – 35.866 денари.
– Повозрасните лица со текот на времето имаат напредувано во својата професија и многу често се на раководни позиции, па нормално е да земаат и поголема плата и таквиот тренд треба да продолжи, бидејќи докажува дека искуството на тие луѓе се цени. Сепак, најдобрите резултати се добиваат кога искуството на постарите се комбинира со знаењето и со енергијата на помладите, иако тоа тешко се постигнува со оглед на фактот дека повеќето мислат дека тие сè знаат и умеат и дека не им е потребна помош од другите – објаснуваат социолозите.
Просечната заработувачка за скратено работно време изнесува 11.158 денари на месечно ниво. Овде, жените имаат повисока просечна заработувачка, 11.360 денари. Мажите просечно заработуваат 10.939 денари месечно за скратено работно време.
Државните функционери се едни од најплатените според податоците. Тие имале просечно заработувачка од 342 денари за еден час во октомври во 2014 година, повеќе од оние 232 денари на час на експертите и научниците и 151 денар на службениците.
Преработувачите на храна, дрво, текстил и кожа се едни од најмалку платените, со 99 денари на час, додека помошниците за подготовка на храна просечно добиваат по 94 денари на час.
Од анализата на статистика се потврдува фактот дека во Скопје се заработува најмногу. Просечната заработувачка во главниот град изнесува 7.700 евра, а најниската од 4.300 евра годишно се исплаќа во североисточна Македонија.
Анализата на статистика ја потврдува потценетоста на трудот на македонската жена која во просек заработува 800 евра годишно помалку од мажот, а еден час работа во земјава се плаќа 2,8 евра. Колку и да е тешка и одговорна работата, жените во Македонија се помалку платени од мажите. Од текстилна работничка до врвна менаџерка во банка, жените примаат и до една четвртина пониски плати од нивните машки колеги.
Заработувачката е речиси еднаква во градежништвото и во финансискиот сектор, но родовиот јаз е најизразен кај занаетите и во земјоделието. Јазот меѓу платите изнесува 12,5 отсто, но разликата се зголемува и до 24 отсто во зависност од образованието. Главната причина што жените во некои сектори, за иста позиција, образование, вештини и искуство се помалку платени, економистите ја лоцираат во нивната неактивност на пазарот на труд.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 176. број на неделникот „Република“, 15.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


