Македонската кошаркарска репрезентација е одредена да биде во првиот „шешир“ за квалификациите за Европското првенство во кошарка во 2017 година. Нашата репрезентација е заедно со селекциите на Германија, Русија, Грузија, Белгија, Словенија и Полска, што значи дека против овие селекции нема да може да играме.
Вкупно 27 репрезентации ќе играат во квалификациите. Во квалификациите ќе бидат формирани седум групи, шест со по четири селекции, а една со три селекции.
Во вториот „шешир“ се наоѓаат Естонија, Холандија, Украина, Босна и Херцеговина, Исланд, Унгарија, Црна Гора. Трет „шешир“ се Австрија, Шведска, Белорусија, Швајцарија, Бугарија, Велика Британија и Словачка. Во последниот по квалитет „шешир“ се наоѓаат Португалија, Данска, Луксембург, Кипар, Албанија и Косово.
Пласман на Евробаскетот ќе изборат првопласираните од сите групи, како и најдобрите четири второпласирани селекции. Покрај домаќините на ЕП (Финска, Турција, Романија и Израел), пласман имаат обезбедено и селекциите кои ќе играат на Олимписките игри (Шпанија и Литванија), како и на Олимписките квалификации (Србија, Хрватска, Чешка, Франција, Летонија, Италија,Грција).
Извлекувањето на групите ќе се одржи во Минхен на 22 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.