| четврток, 6 декември 2018 |

Алармантни податоци: Секое трето дете има искривен ‘рбет и рамно стапало

Секое трето дете во Македонија е со искривен рбет, рамно стапало или кратковидост.  Алармантни податоци за здравствената состојба на младината. Информациите се содржани во извештајот за систематските прегледи направени во 2015 година.

Од 72.000 основци, дури 14 илјади имаат деформитети на грбот а околу 6.000 се со пречки во видот. Застрашувачки се и податоците за средношколците.  Кај  10.000 од нив биле дијагностицирани рбетни искривувања а кај 3.000 се откриени  проблеми на  очите. Во оваа група се и 1.200 студенти со  проблеми на рбетниот столб. Лекарите од школските диспанзери се загрижени за ваквата состојба, но велат причините ги знаат сите.

– Модерното време на живеење го прави своето. Нередовно вежбање, немање на физичка активност и премногу седење пред комјутер го праваат своето. Тоа се главните причини за ваквата состојба. Сега сме во време кога комјутерите се единствените другари на децата и тоа не е добро – вели за „Сител“ Соња Ралева од школскиот диспанзер на Бит пазар

Најголем број од овие деформитети се кај деца од градските подрачја. Останатите, според лекарите се уште водат здрав живот подалеку од модерната технологија.  Родителите по констатираните проблеми веднаш реагираат. Но според надлежните тоа не смее да остане само на една контрола кај специјалист или повремена физичка активност.

– Сколиози, кифози и пречки во видот се сериозни деформитети кои во понатамошниот живот можат да направат тешки последици во развојот на една единка и затоа мора да се реагира како што треба, вели Ралева

Искривениот рбет не е единствената модерна болест кај децата. Статистиката покажува дека постојано расте и бројот на деца со зголемена тежина. И кај дебелината  главниот виновник е начинот на живот и нередовната и нездрава исхрана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top