| четврток, 6 декември 2018 |

Паско Кузман доби три години затвор за „Фаланга 2“

Шестмина обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман ќе одлежат затворски казни за трговија со артефакти и злоупотреба на работните позиции. Апелацискиот суд ги потврди затворските казни за обвинетите во случајот „Фаланга 2“.

Како што информираат од Кривичниот суд во Скопје, од страна на Апелацискиот суд Скопје до Основен суд Скопје 1 е доставена второстепената одлука во која жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и жалбите на сите обвинети изразени преку своите бранители, се одбиваат како неосновани, освен во делот на имотно-правното барање каде што има задолжување да се надомести причинетата штета на буџетски средства на Република Македонија и се конфискува имотната корист остварена со кривичното дело, во кој дел одлуката на првостепениот суд е преиначена.

Во случајот како обвинет се јавуваше поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, кој беше осуден на тригодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања. Покрај него, на највисока казна од седум и пол години затвор беше осуден и Илче Бојчевски, поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културното наследство, за делата злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, тешка кражба и прикривање.

Во процесот за виновни беа прогласени сите шеснаесет обвинети, од кои четворица добија условни казни затвор.

Пресудата на Апелација е правосилна. По истек од триесет дена таа станува извршна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top