Средбата на премиерот со потпретседателот на САД, Џо Бајден, помина со кусо соопштение, но со голема и силна порака дека Груевски останува важна политичка фигура во Македонија со која Белата куќа има намера да соработува и во иднина. На големо разочарување на пучистите и на опозициските медиуми, Груевски од Вашингтон не се врати со главата сервирана на тацна, како што очекуваа и јавно посакуваа, туку, напротив, обезбеди потврда на стратегиското партнерство меѓу двете земји и се врати со поддршка за целосно спроведување на договорот од Пржино, во кој спаѓа и обврската да се организираат избори на 24 април. Проблемот на Заев во случајот не е само тоа што Груевски се потврди како најсериозен политички фактор во државата, туку и фактот дека за кратко време ќе мора се соочи со народот. Болката му е до толку поголема што полека станува свесен дека „чадорот“ му прокисна токму пред очекуваната бура, која на предвремените избори ќе го потопи заедно со неговите домашни и странски соработници.
Така накиснат, лидерот на опозицијата „по нечија наредба“ се појави во интервју во „непријателска“ телевизија во кое објаснуваше дека ќе имало избори ако се исполнеле условите. Не спомена ниту збор за личната одговорност и за неговите нелогични уцени (како барањето за специјален сеф), кои го одолжуваа исполнувањето на договорот од Пржино.
Неговите најверни следбеници, пак, не пропуштија да го охрабрат дека бил „перфектен“. Дали биле цинични или сериозни, тие самите си знаат. Но, од сето тоа што го кажа Заев во интервјуто, перфектно беше само бламирањето на специјалната обвинителка, која по којзнае кој пат беше цел на јавно понижување од обвинетиот што би требало да го гони во случајот „Пуч“. Обвинетиот „перфектно“ јасно кажа дека на Катица Јанева ѝ предал сѐ што имал од нелегално снимените материјали. Ако е така, а, нели, (барем додека ги пишувам овие редови) сѐ уште не се демантирал, тогаш излегува дека 600.000 нелегално снимени разговори од 20.000 граѓани, кои со месеци тврдеше дека ги поседува, успеал да ги смести во само еден тврд диск!
Вакво манипулирање со јавноста и од Заев да е, премногу е. Но, во случајот не е тој тој што треба да се плаши од одговорност за идиотското тврдење, туку специјалната обвинителка. Особено поради другиот „перфектен“ одговор на Заев во кој вели дека немало никаков записник за предадените материјали. Уште минатата недела пишував дека немањето записник за примениот материјал може да биде обид за бришење на трагите од евентуалните 600.000 нелегални снимки, но во исто време и предупредив дека одговорноста ќе падне на грбот на обвинителката, која на крај ќе излезе виновна за исчезнувањето на доказите на кои се темели целата криза.
Токму затоа Јанева мора итно да одговори дали и зошто не направила записник за примените материјали. Колку снимени разговори примила од Заев? Снимките се оригинал или копии? Ако нема 600.000 снимени разговори, тогаш каде е остатокот за кој Заев тврдеше дека го поседува?
Ако таа решила да ја преземе одговорноста за бришењето на трагите или, пак, ако се надева дека ќе се заштити под истиот прокиснат чадор на Заев, треба да биде свесна дека и таа може лесно да биде потопена во бурата затоа што трпението на македонскиот народ е на раб на издржливост.
Народот не е исплашен, но се задушува од маглата и преку глава му е од лаги. „Толерантниот“ третман што граѓаните им го овозможија на сите пријатели, кои изигруваа некакви фактори во кризата, не подразбира и давање можност да се извлечат од одговорност. Ова особено важи за Заев и за Верушевски, но и за сите други што ќе се обидат да ги спасат од соочување со правдата. Општествената штета е преголема за да се дозволи нова општа амнестија за сите уривачи на државниот поредок.
Заев и неговите најблиски соработници никогаш не сфатија, но се надевам дека Јанева има доволно капацитет навреме да разбере дека лагата никогаш не е решение затоа што штетата е несразмерно поголема откако ќе се открие. Токму затоа се наметнува прашањето зошто Катица Јанева место да работи во интерес на граѓаните и да ја здобие довербата на јавноста со откривање на вистината, прифаќа да игра на тенок мраз за интересите на опасни криминални структури што го уриваат целото општество.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо
-
Заев за грчки „Еуроњуз”: На Македонија не ѝ се потребни избори