| четврток, 6 декември 2018 |

Еврокомесарот Хан во Скопје на средби со партиските лидери

Johanes-Hahn-4

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска во Скопје ќе се сретне со лидерите на политичките партии потписнички на договорот од јуни/јули минатата година и, како што беше соопштено од неговиот кабинет, ќе потсети на одговорноста што тие ја имаат за спроведување на овој договор, вклучувајќи ја и потребата за обезбедување услови за веродостојни избори, во согласност со веќе усогласените рокови.

Хан, стои во соопштението, ќе потсети на важноста на спроведувањето на итните реформски приоритети што Комисијата ги издаде за Македонија, за што македонските политички лидери исто така се обврзаа.

– 15-ти јануари е клучниот рок на политичкиот договор чија имплементација е важна и за Владата и за граѓаните на земјата. Очекувам дека преостанатите елементи од политичкиот договор ќе бидат решени пред или за време на мојата посета, овозможувајќи им на изборните власти да организираат веродостојни избори во согласност со договорената временска рамка, стои во писмената изјава на Хан објавена вчера.

Доаѓањето на Хан се поклопува со рокот за исполнување на обврската од договорот за избор на техничка Влада со нов привремен премиер, чија единствена задача ќе биде спроведување на изборите закажани за 24 април оваа година.

Се очекува тој денеска во Скопје да има средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со лидерот на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. На средбите во ваков формат што се одржуваа претходно присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД Џес Бејли.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top