| четврток, 6 декември 2018 |

Онколошка терапија ќе се дава и во други градови во Македонија

Дисперзирано давање терапија почна во Клиничката болница во Тетово, каде во текот на декември и досега се извршени две посети и дадена е терапија на 40 пациенти и тоа не само на пациенти од тој град туку и на пациенти од Гостивар

Почна спроведувањето на проектот на Министерството за здравство, кој ќе овозможи поголема грижа за лицата болни од малигни заболувања односно дисперзирано давање терапија на тие пациенти во нивното место на живеење или многу поблиску до нивното место на живеење, што ќе значи нивно растеретување од дополнителни трошоци, а ќе се овозможи и растеретување на Клиниката за онкологија во Скопје од зголемена фреквенција на пациенти.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција на која го образложи проектот, рече дека врз основа на темелна анализа на различните аспекти на лекувањето со кои се соочуваат лицата со малигни заболувања увиделе дека потешкотии им создава централизираното давање терапија како таблетарно, така и хемотерапија, односно фактот што за терапијата и контролата сите пациенти мораат да дојдат во Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Според него, тоа создава дополнителен товар особено за пациентите од другите градови кои трошат финансиски средства, време, отсуствуваат од работа, патуваат до Скопје, ангажираат уште еден придружник бидејќи тоа се лица кои често се и во тешка здравствена состојба и тоа го прават секој месец или некои од нив на секои три месеци.

– Токму со цел да ги олесниме овие процедури за пациентите во соработка со Клиниката за онкологија воведовме комплетно нов концепт на дисперзирана администрација односно дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Идејата е да ја доближиме оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење на пациентите и да ги растовариме од дополнителни трошоци за патување до Скопје и од дополнителни физички потешкотии имајќи предвид дека станува збор за лица во потешка здравствена состојба, рече Тодоров.

Посочи дека дисперзирано давање терапија почна во Клиничката болница во Тетово, каде во текот на декември и досега се извршени две посети и дадена е терапија на 40 пациенти и тоа не само на пациенти од тој град туку и на пациенти од Гостивар.

Од 15 јануари, нагласи, почнува дисперзираната терапија во Општа болница Кичево и планирано е да бидат опфатени околу 20 пациенти.

– Истиот ден ќе се направи уште една посета и на Клиничка болница Тетово, и предвидено е вкупно да опфатиме околу 40 пациенти (во двата града). Од 22 јануари ќе почнеме и во Општа болница Велес и во Општата болница во Гевгелија, каде е предвидено да опфатиме по околу 20 пациенти, потенцира Тодоров.

Дополнително, укажа министерот, до крајот на февруари со ваква активност ќе започнеме и во Општата болница Охрид, каде што ќе гравитираат и пациентите од Струга, Клиничка болница Битола, каде што ќе гравитираат пациентите и од Прилеп, Крушево, Ресен и Демир Хисар и Клиничка болница во Штип со регионот, а до крајот на март и во останатите болници каде што ќе има соодветни услови.

– Дисперзирањето на терапијата за малигни заболувања е една глобална тенденција и ваков концепт е развиен во Велика Британија, Германија. Дисперзираното давање терапија ќе го спроведеме во две фази, и тоа во првата фаза која ќе ја отпочнеме веднаш, ќе биде опфатена хормонска и антихормонска терапија (таблетарна, интрамускулна и субкутана терапија), односно околу 1.000 пациенти на годишно ниво ја примаат оваа терапија на Клиниката и тие немаа да имаат потреба да доаѓаат во Скопје за да ја добијат терапијата, истакна Тодоров.

Секој од нив, посочи министерот, има најмалку четири пати во текот на годината треба да дојде на Клиниката во Скопје за да ја прими оваа терапија.

– Сто и дваесет од овие 1.000 пациенти треба да ја примат оваа терапија најмалку 18 пати во текот на годината. Ова значи дека над 7.000 посети помалку ќе има на Клиниката за онкологија по комплетното воведување на дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Исто така, освен хормонска и антихормонска терапија, во првата фаза ќе се аплицира и бисфосфонатна терапија наменета за сите пациенти со коскени метастази од било кое потекло и таргетирана терапија за пациентите со карцином на дојка и карцином на желудник, рече Тодоров.

Нагласи дека за таа цел, веќе е во подготовка електронско решение, односно софтвер за распоредување на терапијата за секоја болница. Во секоја од болниците кои ги споменав, информира Тодоров, ќе има наменето по една просторија како работна станица за администрација на терапија, а прегледите ќе ги врши стручен медицински кадар – онколог (или уролог за пациентите со карцином на простата).

– Од септември, тоа е втората фаза на проектот, планираме да го доусовршиме овој концепт и да овозможиме дисперзирање и на хемотерапијата, односно на еднодневните хемотераписки режими. Идејата е тие да бидат подготвени на Клиниката за онкологија, со претходна он-лине потврда (во рамки на софтверот) за адекватни резултати од биохемиските анализи на пациентите. На овој начин, месечно би се давале над 200, можеби и 500 хемотерапии додека подолгите хемотераписки протоколи и понатаму ќе се аплицираат на Клиниката, истакна Тодоров.

Појасни дека во изминатиот период биле фокусирани на олеснување на овој дел од лекувањето на лицата со малигни заболувања. До 2013 година, истакна, сите пациенти мораа еднаш месечно да доаѓаат на контрола на Клиниката, а од 2013 година за дел од пациентите овозможивме да доаѓаат со упат на 3 месеци.

– Исто така, на Клиниката за онкологија во завршна фаза е формирањето и адаптирањето на Кабинет за централна гравиметриска подготовка на хемотерапија (во кој покрај подготовка на хемотерапија, ќе се врши и тотална парентерална прехрана и подготовка на раствори за кардиоплегија – наменети за кардиохирургија). Дисперзирањето на терапијата и доближувањето на оваа услуга до пациентите е уште една мерка во насока на унапредување на третманот и лекувањето на пациентите со малигни заболувања во Република Македонија, додаде Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top