Интересно, но бројките во македонската ономастика се совпаѓаат со актуелната ситуација на македонската политичка сцена. Ние сме една од ретките земји во кои ономастиката и политикологијата се поврзани, барем според мнозинството. Имињата го покажуваат и потврдуваат тоа што се случува и во политиката:
Никола го води Бранко, Али е многу помногуброен од Мендух и од Руфи. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) кога се обраќа, Никола Груевски им се обраќа на 15.728 имењаци, a Бранко Црвенковски на 5.061 граѓанин што го носи неговото име. Односот е 3:1. Кога сме кај значењата – Никола, според ономастиката (наука за потеклото на имињата) значи „Победа на народот“ или „Победнички народ”. Бранко, пак, според значењето е „Бранител” или „Славен бранител”. А не е член ниту на Достоинство, ниту на Бедем…
За да биде македонската ономастичко-политичка мистериja уште поголема, приказната се совпаѓа и во албанскиот блок. Името Али, заедно со истозначното Алија е во бројка од 2.749 лица (само Али е 2.174), Мендух има само 76 имењаци, Руфи, пак, само 53. Aли наспроти двајцата заедно води со неверојатни 25:1.
Македонската приказна за имињата не застанува тука. Продолжува. Не само имињата, туку и презимињата ја даваат истата слика, идентична на актуелната политичка слика на превласт, барем во македонскиот партиски блок. Груевски има 402 истопрезимењаци, а Црвенковски 56 машки носители на неговото презиме во Македонија. Соодносот е 8 : 1.
И Ахмети е многу помногуброен од Тачи. Го води со 533 : 146 презимиња. Политичката слика и сликата со имињата и со презимињата на политичарите, нивната актуелна застапеност во парламентот и во Власта наспрема бројот на презимето, запна и запре само на едно место… Кај Албанците неприкосновен е Османи. Презимето на Руфи го носат 4.491 граѓанин на Македонија.
Иако, многумина мислат дека Љубчо Ѓеоргиевски е единствен според своето име, тоа не е точно. Македонија, очигледно, имала многу матичари што не знаеле што е правилото – едначење по звучност. А, можеби, и знаеле, ама како бугарофили, не сакале да го практикуваат. Првото е, сепак, многу поверојатно. Во државата има 322 граѓани што го носат името Љубчо. Љупчо, пак, е на 10. место во Македонија.
Податок што ретко кој го актуализирал – и Тито не е единствен. Верувале или не, имаме 21 соц-носталгично семејство што го воспејувало и обожувало ликот и делото на Јосип Броз. 21 лице во Македонија се вика Тито. Но, не само ова, државата е повеќе од подготвена за воскреснување на познатиот, веќе митски троец на лидерите на блокот независни држави: Тито – Нехру – Насер. Во Македонија имаме 57 лица што се одѕиваат на Нехру и дури 2.087 носители на името Насер. И, дефинитивно, во 1991 сме биле подготвени за независност…
Во Македонија сапуниците диктираат имиња?! Сандокан, Касандра, Онур, Полат…
Не е тајна дека и сапуниците диктираат имиња. Класичен пример е името на индискиот јунак Сандокан, кој го прослави актерот Кабир Беди. Во РМ, седум граѓани го носат името Сандокан. Ако одиме хронолошки, следна серија што беше и првата класична, нискобуџетна сапуница, а која направи вистински бум во Македонија и, буквално – ги отвори вратите за сѐ што следуваше – беше и остана Касандра. Латинската убавица, која дојде и во Македонија за да се сретне со обожавателите, остави мода на долги, шарени здолништа, многу воздишки кај „посилниот“ пол, но и дури 38 женски деца што го носат нејзиното име. Имајќи предвид дека серијата беше хит во 1997-1998 година, тие 38 девојчиња сега имаат 14 или 15 години. Тајна е дали Касандра има партнер во РМ?! Останува да се открие, затоа што – нејзиниот љубен Ранду го има помалку од петпати или воопшто го нема (податоци на ДЗС).
Од поновата генерација води Онур. Ликот од „1001 ноќ“ има 510 најверни обожаватели-родители – или 255 жители на Македонија го носат неговото име. Шехерезад или Шехерезада, сепак, барем според ДЗС, ја нема. Постои само како слаткарница. Од најновата генерација , сега–засега се пробива Полат, кој до крајот на минатата година имал 17 имењаци, а имајќи ја предвид популарноста на „Долината на волците“, сега овој број со сигурност е многу поголем. Фактите не се поразителни само за Македонија. Според турски „Хуриет“ и нивните истражувања, огромната гледаност на турските серии и поврзаноста со имињата е балкански феномен. Така, имињата на ликовите од турските сапуници ги имаме во налет и во Босна, Албанија, Бугарија, па и во Грција, каде што има албанско и турско малцинство, квалификувано само како „муслимани“.
Во 80-тите години на минатиот век, име што ја освои Македонија, но и тогашна Југославија, беше Маја. Како резултат на цртаниот филм „Пчеличката Маја“ многу женски деца го добија нејзиното име. Нејзиниот пријател, трутот Вили (за кој никогаш, никој не им кажа на децата дека е трут?!) немаше таква среќа и остави многу помалку следбеници на неговото дело, можеби и дека беше трут – синоним за безработник (во секоја колонија има 1.000-1.300 трутови на матица, се чуваат и хранат само за оплодување.) Истото игнорирање се случи и со скакулецот Флип и со матицата ,која, сепак, 10 години подоцна ја доби заслужената слава – Касандра.
Мухамед е најчестото име во светот, 88. во Македонија!
Повеќе од 150 милиони луѓе во светот го носат името Мухамед. Според „Енциклопедија Колумбија“, ова е најчестото име на Земјината топка. Во 2007 година и во 2009 година ова беше најпопуларното име за новороденче во Марсеј и во уште два региона во Франција. Во 2007 година „Би-Би-Си“ извести дека Мухамед е второ најпопуларно име за бебе во Велика Британија. Слично е и во Данска, а името во периодот од 2000 година до 2010 година имаше силен пробив и во САД.
Во Македонија, името Мухамед е на 88. место, го имаат 2.938 граѓани во државата.
„Фејсбук“ ја разоткри европската позиционираност на имињата
Во екот на „фејсбукоманијата“, социјалната мрежа помага и во ономастиката. Еве ја сликата на најчестите имиња во Европа. Интересно, македонската слика за најчесто машко име ја споделуваат Русија и Украина со Александар. И Марија е најкористеното женско име не само во Македонија, туку и во Португалија, Романија, Грција, Шведска и во Финска.
Најпопуларни имиња во последниве 30 години во Македонија
Рекордери во Македонија остануваат Александар и Марија. Имаме 23.924 Александровци и 21.031 Марија. На второ место се Зоран со 16.928 носители на името и 11.940 Билјани. Следуваат Никола и Елена.
Од 1991 година, па се до денеска, најпопуларни имиња во Македонија се Александар, Стефан, Мартин, Филип, Никола и Андреј за машки бебиња. Кај девојчињата, пак, на прво место е Марија, а следуваат Сара, Елена, Ивана и Ангела, а во поново време во групата се приклучуваат и Јана, Ана, Анастасија и Јована. Забележан е и пробивот на имињата Убејд, Ејрон, Блеон, Окан и Јулет, а од женска страна Илирида, Аделиса и Блеона. Според статистиката, најмногу деца се раѓаат во март (9,2 процента), а следуваат мај (8,8 проценти) и април (8,7 проценти). Декември е месецот кога стандардно во Македонија се раѓаат најмалку деца. Рекорден ден, на државно ниво, останува 1 јануари 1971 година, кога во Македонија во еден ден се родиле 244 деца.
Наспроти популарните имиња, во РМ дојде и до губење на дел од старите македонски имиња, кои, буквално, заминаа во историјата. Така во периодот од 1991 година до 2004 година, ниту еден кум не крстил машко дете со имињата Ќиро, Моме, Димчо или Димко. Исчезнуваат и женските архаични имиња, меѓу нив Спаса, Фанка, Крстана, Ристана, Благуња.
Трпе е уникат, ендемски вид! Трајче не е единствен…
Иако многумина ги сметаат за дел од македонскиот менталитет и дека нивното значење го покажува македонскиот душевен склоп, сѐ поретки, буквално во фаза на истребување се имињата Трајче и Трпе. Мирко се држи подобро.
Но, сепак, Трајче не е единствен, а со тоа и сличното значење на Мирко. Во светот постојат негови пандани, имиња што го влечат истиот корен како и Трајче. Така името Лакета (Laqueta), кое го има во Африка и во САД, е со исто значење со нашиот Трајче или женската верзија Трајанка. Во превод овде е и индиското име Шумо (Shuomo). Сите три – Трајче, Шуомо и Лакета означуваат исто – тој што молчи или тивкиот човек.
Трпе, пак, и покрај сите обиди да најдеме слично име во аналите на светските ономастички истражувања, се чини е единствен. Уникатното значење на Трпе – тој што трпи, можеби треба и да се заштити како ендемски вид, име што останува врежано во оваа почва. И така, ги немаме многу: Трпе, охридската пастрмка и шарпланинецот (кој ни го оспоруваат соседите!).
Сепак, вистинскиот список на најмаркантните македонски имиња е подолг. Имиња што, навистина, пленуваат со својата инвентивност. Каменко е име на 28 граѓани, Пламенчо го имаат осум лица, а имињата како Лустерчо, Каранфилчо, Развигорчо и Лакираде немаат потврда во ДЗС.
И женскиот пол одушевува со инвентивноста на родителите. Разменка е име на 83 претставнички на понежниот пол во Македонија (се користело кога семејството имало многу или само женски деца, па со името се провоцирала замена со машко), името Дукадинка го носат 69 жени, Галабинка 24, Лимонка дури 252 жени, Сокица 34. Најуникатното име, сепак, е Катастрофа, која нагалено ја викале Кате, име што родителите ѝ го дале на ќерката за да прекинат со многуте женски деца. Доста е име што се користело за прекинување со раѓање деца, вообичаено во старо време се давало на десеттото дете.
Водечки имиња во соседството
Во Србија, најчести имиња се Стефан, Лазар и Никола, но последните неколку години, поточно четири, најчесто име и според РТС за машко новороденче е Новак (колкава е улогата на тенисерот Ѓоковиќ?!). За девојчињата, Србите го преферираат името Милица.
Во Албанија – најпопуларни се Афердита и Беса за девојче и Адријан и Артан за машко дете. Беса значи вера, верба, а Артан во превод е златен.
Во Бугарија, мажите најчесто се викаат Иван, Ѓеорги, Димитар и Петар. Жените, пак, најчесто го добиваат името Викторија и Марија, како и кај нас.
И Грците, како и Бугарите и Македонците најмногу го сакаат и употребуваат женското име Марија, втора е Елени. Од машките имиња, на прво место е Георгиос, а следуваат Јоанис, Констанинос, Димитрис и Николаос.
Кое е значењето на најчестите македонски имиња?
Најчестокористените имиња во Македонија се од словенско, библиско или канонско (грчко и еврејско) и латинско потекло. Ономастиката ги објаснува на следниов начин:
МАРИЈА
… латинско, но и еврејско потекло. Според латинското потекло значи морска ѕвезда, а според еврејското потекло можно да значи: бунтовништво, море од горчиња. Најпозната носителка на името е Марија – мајката на Исус Христос.
АЛЕКСАНДАР
… Бранител на луѓето, заштитник на луѓето, воин. Има канонско потекло и е кованица од глаголите alexo – заштитува, брани и именката andros – човек. Најпознат носител на името е Александар Македонски.
ФИЛИП
… е љубител на коњи. Неговата генеологија е во зборовите “philein” – сакање или “philos” – пријател и “hippos” – коњ. Филип е еден од дванаесетте апостоли.
ЈАНА и ЈОВАН
… во превод значи Бог е милостив. Името има еврејско потекло и потекнуваат од ист корен како и Ивана. Најпознат носител на името е Јован Крстител.
ЕЛЕНА
… е сончев зрак, светлина. Има канонско потекло.
МАРКО
… во себе има посветеност на Марс, воинствен, борбен. Името е од латинско потекло. Најпознат носител е апостолот Марко.
ЛАЗАР
… значи – Бог е моја помош, мојот Бог помогна. Името е со еврејско потекло, форма на Елеазар.
АНДРЕЈ
… мажествен, силен, воин. Потекнува од грчките зборови aner и andros – маж/мажествен, па од таму: силен, храбар. Познат носител на името е апостол Андреј.
МАРЈАН
… мажествен, борбен, море. Има латинско потекло и различни теории за потеклото – од зборовите Марс, машко (mas) или море (mar).
ЗОРАН
… значи зора, изгрејсонце. Потекло на името е словенско потекло, машка форма на името Зора, Зорка.
ПЕТАР
… камен, карпа. Името има библиско потекло. Апостол Петар е најпознатиот носител.
ДЕЈАН
… значи – да прави нешто, да биде активен (делати, дејание). Името има словенско потекло.
СТЕФАН
… круна, венец, крунисан. Потеклото на името е библиско.
ИГОР
… војник или стрелец. Името има руско потекло, а се наоѓа и во скандинавските земји во поинаква форма.
ИЛИЈА и ИЛИНА
… имаат исто, библиско, еврејско потекло. Значењето на името е Господ е мојот Бог.
СУЗАНА
… е лилија – цвеќе и има еврејско потекло, од зборот shoshan – лилија или роза, а коренот на зборот означува: радосна, весела, светла.
БИЛЈАНА
… според потеклото е билка, растение. Има словенско потекло.
ВЕСНА
… гласник. Има словенско потекло, Весна била словенска божица на пролетта, па од таму Весна е пролет и на руски јазик.
ВИОЛЕТА
… цвеќе со виолетова боја – темјанушка. Според потеклото има латински корен и доаѓа од зборот: viola.
Подготви: Љупчо Цветановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст