| четврток, 6 декември 2018 |

Василица на битолски начин

395975_10151280519398778_1385390366_n

Ако за поголемиот дел од Македонија празниците завршија, во Битола и околината најинтересното допрва доаѓа. Стара Нова година и Василица таму се слават со многу јадење, пиење, комар, друштво, мазник со паре, дружење до рано наутро…

Вртењето на мазникот (вртена пита) вечерта на 13 јануари се прави меѓу пријателите. Секоја година се собира истото друштво кај оној кому паричката му се паднала претходната година.

– Мазникот се сече на онолку парчиња колку што брои друштвото, се става на средината на масата и домаќинот го врти трипати. Секој го зема парчето пред себе. На оној на кој ќе му се падне, му се даваат пари или симболична награда. Во нашето друштво тоа е златник, кој секоја година заедно го купуваме – ни раскажува нашиот соговорник од Битола.

Ваквата традицијата меѓу пријателите трае и со децении.

– Моите родители веќе десет години живеат во Скопје, но секој 13 јануари се во Битола, меѓу своето друштво со кое вртат уште од младоста, веќе 40 години. Кога паричката се падна кај мајка ми, целото друштво дојде во Скопје. Според мене, тоа е една од најубавите традиции – раскажува младата битолчанка Марија.

Вечерта на трпезата задолжителен е мазникот, кој се врти на полноќ, но и домашни колбаси, месо, салати…

За многу постари друштва, без печено прасе ќе помине Нова година, но не и Василица.

Она без што никако не може да помине е комарот. Адетот мора да се испочитува, иако се игра за ситни пари. Најчесто се фрлаат зарови, и играат и машко и женско.

Следниот ден, за Василица, мазникот се врти со семејството. Се сечат парчиња за секој член, за домот, некои и за Господ. Трет мазник се врти и на работа, меѓу колегите.

Во последните години, доколку се нема можност за славење дома, голем број друштва вртат и по битолските кафеани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top