Повеќе од 10 дена не работат печките на Југохром, а тетовчани и натаму се загушуваат. Смогот секојдневно го прекрива градот – штетните честички во воздухот ги надминуваат дозволените граници.
„Овие параметри што ги добивме укажуваат на фактот дека загадувањето во Тетово е екстремно високо и покрајтоа што Југохром не работи. За жал претпоставувам дека ќе биде така и во наредниот период, ова ја потврди мојата теза дека Југохром не е загадувач на тетово и околните места“, изјави Васко Скендеровски, директор на Југохром, пренесе МРТ.
Состојбата е алармантна, од смрдеата едвај се дише – велат тетовчани. Градот урива рекорди по загаденост.
Чадот во воздухот најмногу се забележува во вечерните часови, како причинител се посочува грејната сезона, сообраќајот, но и чадот од дивата депонија во близина на градот.
Депонијата во близина на градот- рак рана за граѓаните. Планина од смет секојдневно никнува таму. Чадот сериозно им го нарушува здравјето.
Што велат граѓаните?
„Загадено е од автомобилите, од чадот. Пречи, децата цело време кашлаат.“
„Многу нечистотија, ѓубрето што се пали на Железничка станица.“
„Од ѓубрето е, од Југохром не е, само од ѓубрето е.“
„Југохром не е причинител, нешто друго е, но незнам што.“
„Народот нема пари дрва да купи, кондури горат- од тоа е загадувањето“, велат жителите на Тетово кои ги анкетиравме.
Инспекторите од општината ја следат состојбата со загадениот воздух. Најавуваат дислоцирање на депонијата.
„2016-та ќе биде година кога ќе се отргне од тоа место депонијата, се работи на планска документација за нова претоварна станица значи во тек е. Ќе видиме наредната зима каква ќе биде состојбата, но јас можам да кажам дека редовно вршиме на таа претоварна станица и нема палење на оган таму“, вели Томислав Јоргушески, инспектор за животна средина во општина Тетово.
Од загадениот воздух најмногу страдаат хронично болните. Тој е причинител за респираторни и за кардиоваскуларни заболувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.