| четврток, 6 декември 2018 |

Возачот, чиишто сопруга и дете загинаа во сообраќајка, прогласен за виновен

veles soo

Гога Спирковски (33) од Скопје е прогласен за виновен за сообраќајката во која загинаа неговата сопруга и синот, но тој нема да биде казнет. Судијата Шефкет Адеми од Основниот суд во Велес реши дека Судот го ослободува од казна, затоа што кривичното дело е сторено од небрежност и последиците од делото обвинетиот го погодуват толку тешко што изрекувањето казна во таков случај не би одговарало на целта на казнувањето.

Против Гога Спирковски беше поднесен обвинителен предлог за сторено кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и на имотот во сообраќајот со смртни последици. Сообраќајката се случи на 26 мај минатата година во 18,45 часот кога Спирковски со автомобил марка „мазда 3“ возејќи од Гевгелија кон Скопје со брзина од 109,77 километри на час на делница каде што брзината била ограничена на 120 километри налетал на камион на Македонски пошти, кој со еден дел бил на коловозната лента, а претходно удрил во друг камион, кој стоел на десната коловозна лента. Возачот на поштенското возило и на „маздата“ загубиле контрола поради отсјајот од сонцето преку водата на коловозот, иако денот не бил дождлив. Сообраќајката се случила на два километра пред наплататната рампа кај Градско. Спирковски на крајот од процесот кратко изјави дека се чувствува невин, откако сите рочишта ги следеше со нарушена психичка состојба, за што имаше и лекарско уверение. Тој по секое рочиште беше во солзи и тешко го преживуваше судењето за сообраќајката во која смртно настрадаа неговата сопруга и четиригодишниот син. Судијата ги упати оштетените, таткото, мајката и братот на загинатата, кои бараа секој по два милиона денари отштета, или вкупно шест, своето имотно -правно барање да го остварат во граѓански спор.

„Обвинетиот бил должен да ги следи хоризонталната и вертикалната сигнализација и да ја приспособува брзината на условите на патот. Тој не го направил тоа, поради што предизвикал сообраќајна несреќа во која има две починати лица“, рече во завршниот збор обвинителката Славица Темелковски.

Бранителот на обвинетиот Спирковски, пак, адвокат Благица Арсовска беше со став дека Спирковски е невин, а дека вината е кај возачот на поштенскиот камион бидејќи непрописно обележал дека има незгода на патот.

„Во оваа сообраќајка има три жртви, освен двете починати лица е и обвинетиот, кој има сериозни психички трауми. Сите три лица биле со врзани сигурносни појаси во автомобилот, детето на задното седиште со обезбедено специјално столче, а возачот се движел со брзина што е во рамки на пропишаната за автопат. Никаде немало предупредување дека доаѓа на лизгав коловоз, а знакот за предупредување од сообраќајка на патот бил поставен преблиску, не на пропишаната далечина“, рече Арсовска.

Во предметот имаше две спротивставени вештачења, едно на одбраната, од техничкиот советник Никола Ермановски, пензиониран сообраќаен инженер и друго на Обвинителството, вештачењето на вешто лице Стоилко Златковски од Технички факултет од Битола. Судот даде доверба на вештачењето на Златковски и одлучи дека Спирковски е виновен оти „бил должен да ја приспособи брзината на движењето на својствата и состојбата на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Доколку возел со 80 километри на час сообраќајната незгода немало да се случи“.

Пресудата не е правосилна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top