| четврток, 6 декември 2018 |

Историски најниска невработеност, пораст на БДП и на инвестициите

Крајот на една и почетокот на друга година е добар момент да се направи пресек што е сработено, но и што треба да се сработи во наредниот период. 2015 година ја одбележаа многубројни економски случувања што направија позитивни раздвижувања, кои се очекува да продолжат и во годината пред нас. Годината зад нас ја одбележаа пораст на БДП, влез на повеќе странски инвестиции, историски пад на невработеноста, модернизација на железницата, подобрување на инфраструктурата, поволни услови за доаѓање до свој дом

ekonomija174-1

Пораст на БДП

По благото забавување во вториот квартал, Државниот завод за статистика измери дека во третото тримесечје од 2015 година е остварен пораст од 3,5 проценти што оди во прилог дека владината проекција за пораст на БДП од 3,5 проценти ќе се оствари. Со тоа Македонија, во споредба со 28 земји, од ЕУ би остварила втор најдобар пораст на економијата. Ревидирани се и податоците за првите два квартала од 2015 година, па така, во првиот место 3,2 проценти, порастот изнесувал 3,5 отсто, а во вториот место 2,6 отсто остварена е позитива од 3,3 отсто. Со ова, вкупниот пораст на БДП во деветте месеци од годинава изнесува 3,43 отсто, што е на линија со проекцијата на Владата со ребалансот на Буџетот. Во третиот квартал од минатата година најголем пораст е регистриран кај градежништвото, речиси 30 отсто, со што оваа гранка продолжува да биде главниот двигател на македонската економија.

Македонскиот БДП за девет години е речиси двојно зголемен. Статистиката покажува дека ако во 2005 година домашниот бруто-производ изнесувал 308,4 милијарди денари, во 2014 година изнесува 525,6 милијарди денари. БДП по жител како основен показател за степенот на развој на економијата е зголемен од 3.072 долари во 2005 година на 5.477 долари во 2014 година или пораст за цели 78,3 отсто. Највисока стапка на пораст на БДП на годишно ниво е забележана во 2007 година од 6,5 отсто.

 

Пад на невработеноста

Државната статистика покажа историски пад на стапката на невработеност во третиот квартал од минатата година, на најниски 25,5 отсто. Податоците покажуваат дека во изминативе 10 години во Македонија се отворени околу 150.000 нови работни места. Ако се анализираат податоците подетално, може да се заклучи дека ваквиот пад на стапката на невработеност претставува резултат на добро поставената економска политика, активните мерки за поттикнување на вработувањето од страна на владата, како и сѐ поголемиот број странски инвеститори што вложуваат и отвораат нови работни места на македонскиот пазар. Сѐ поголемиот влез на странските инвеститори во земјава придонесува забрзано да се отвораат нови работни места. Покрај тоа што странските компании влијаат директно на пазарот на труд, тие дејствуваат и индиректно, па преку соработката со домашните компании, тие дополнително ја поттикнуваат потребата од нова работна сила. Намалувањето на стапката на невработеност е основа за намалување на сиромаштијата, односно за пораст на стандардот. Податоците покажуваат дека за една година се вработени 20.000 лица, а само во последните седум месеци од 2015 година, преку проектот „Македонија вработува“, се вработени 10.100 лица.

Според проекциите, невработеноста се очекува до крајот на 2017 година и почетокот на 2018 година да падне под 22 проценти.

 

Пораст на инвестициите

Минатата година во земјава влегоа повеќе странски инвестиции, кои го раздвижија пазарот на труд, извозот, но и економскиот пораст. Поволниот тренд на инвестирање се очекува да продолжи и претстојната година. Имено во средината на јануари се очекува потпишување на договор со осум компании што ќе инвестираат во Македонија и ќе отворат повеќе од 1.500 работни места. Две од нив се македонски и се првите вакви компании што ќе инвестираат во ТИРЗ. За македонските компании што влегуваат во технолошко-индустриските зони, важат истите услови што им се нудат и на странски компании.

Првата македонска компанија што ќе инвестира во ТИРЗ „Бунарџик“ нема никаков странски капитал и ќе произведува автомобилски делови. Во фабриката што ќе ја градат ќе се отворат 200 работни места. Втората, исто така, македонска компанија ќе произведува делови за електроника и ќе вработи 300 лица, од кои 100 во првата година.

Влезот на странските инвестиции ќе придонесе и за континуиран пораст на платите, пораст на домашниот бруто-производ по жител, што е показател за стандардот на една земја.

Како резултат на новите инвестиции, расте извозот од технолошко индустриските развојни зони. Последните податоци покажуваат дека минатата година за 11 месеци извозот бележи пораст од 26 отсто во однос на истиот период лани, со што вредноста на извозот изнесува една милијарда и 340 милиони евра. Тоа значи дека ќе се реализираат очекувањата и прогнозите на надлежните за вкупниот пораст на извозот од зоните за 2015 година. Очекувањата се извозот за 2015 година да изнесува 1,5 милијарда евра.

 

Градење патишта

Во патната инфраструктура во земјава се инвестира како никогаш досега. Инфраструктурната преродба, изградбата на новите патишта и рехабилитацијата на постојните, ќе донесе побрз економски пораст и развој. Ефективниот транспорт, добрата комуникациска мрежа и поврзаност, создаваат услови од кои бизнисот може да расте и да ја шири економијата на земјата многу поефективно.За поконкурентна економија се потребни инфраструктурни проекти и подобри патишта. На терен е раздвижено. Градежната механизација интензивно работи на изградба на нови автопатски делници, како и модернизацијата на локалните патишта. Еднакво се работи и на подобрување на регионалната патна инфраструктура. Во тек е изградба или реконструкција на осум регионални патни правци во земјава, во должина од 119 километри. Инвестицијата е околу 41,8 милиони евра. Се планира почеток на уште 16 регионални патни правци во должина од 276 километри, во што ќе бидат инвестирани 388 милиони евра.

Пресметките на Министерството за транспорт покажуваат – изградени или во тек на градба се 560 километри патишта, во план уште нови 200. Обновени се 390 локални патни правци во должина од над 700 километри.  Во изминативе години, за изградба на патишта и на железници се потрошени 80 милијарди денари, покажуваат пресметките од финансии. Од 2016 година, повеќе од 200 милиони евра се предвидени за подобрување на патната инфраструктура.

 

Модернизација на железницата

Инвестицискиот циклус, вреден 600 милиони евра, комплетно го менува ликот на македонската железница. Почнаа да пристигнуваат новите патнички возови, веќе се испорачани товарните вагони, се градат нови пруги и се рехабилитираат постојните, се санираат црните точки, интензивно се работи на реконструкција на железничките станици. Граѓаните добиваат услуга по високи стандарди, компаниите-извознички нови можности за развој на бизнисот, железничкиот сообраќај постепено се враќа на голема врата и станува препознатлив од корисниците. Вакви капитални инвестиции  во железницата не се направени повеќе од 30 години. Минатата година беше промовиран новиот патнички воз со капацитет за превоз на 200 патници, изработен во Кина по највисоки европски стандарди, со климатизација, екрани, музика, интернет, камери за безбедност на патниците. Тој е првиот од вкупно шесте патнички возови, кои се набавени од кинеската компанија ЦСР, а во редовен сообраќај ќе биде пуштен од јануари. Инвестицијата е вредна 25 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и за развој. Два воза се електромоторни, четири на дизел–погон. Ова значи дека електромоторните ќе се пуштаат по Коридорот 10, бидејќи пругата на овој потег е електрификувана. Дизелот ќе може да вози на сите релации.

Испораката на шесте нови возови треба да биде комплетирана до април, со што ќе се опфатат 60 отсто од линиите во Македонија. Владата веќе крои план како целосно да го покрие возниот парк. Со помош на ЕБОР ќе се направат напори да се склучи договор и во 2017 година да пристигнат и нови возови. Надлежните ветуваат дека користењето на железницата нема да поскапи, напротив, очекуваат со ова да се мотивираат граѓаните да патуваат со воз, што би значело и повисоки приходи за „МЖ – транспорт“. Паралелно се работи на реконструкција на железничките станици. Во скопската се веќе инвестирани 2,6 милиони евра. Реновирани се пероните, пооставени се нови лифтови, санирани се санитарните јазли, електричните и климатизациските инсталации, поставени се нови информативни табли. Се реконструираат и станиците во Велес и во Прилеп. Реконструкцијата се случува по цели 42 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top