| четврток, 6 декември 2018 |

Демант од кабинетот на Иванов: Не е помилуван осудениот за убиство на Мартин Нешковски

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов ги демантира наводите кои беа презентирани во медиумите, а се однесуваа на помилувањето на убиецот на Мартин Нешковски. Го пренесуваме целиот демант интегрално.

Во врска со денешните објави на социјалните мрежи и на некои интернет портали, за наводно помилување на осудениот за убиството на Мартин Нешкоски, лицето И.С., како и вчерашните објави во некои медиуми за наводно помилување на лица за дела за педофилија, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најостро реагира и ги демантира ваквите изнесени тврдења, и истите ги квалификува како груба лага и невистина.

Ваквите тврдења ги оценуваме како паушални, непроверени и правно неиздржани.

Претседателот на Република Македонија во извршување на оваа негова уставна ингеренција се води единствено според законите, односно одлуките за помилувањето ги носи исклучиво и согласно постапката и одредбите од Законот за помилување.

Ги упатуваме медиумите добро да го прочитаат членот 1 од Законот за помилување во кој јасно и недвосмислено се наведуваат кривичните дела за кои не може да се даде помилување.(вклучително и за Дела за педофилија)

Оттука сметаме дека овие изнесени лаги и невистини имаат единствена цел да му наштетат на угледот на претседателот Иванов и да го дискредитираат неговото извршување на функцијата Претседател на Република Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top