| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Годинава уште најмалку четири авиолинии кон европски дестинации

Владата во 2016 година планира да воведе уште најмалку четири евтини авиолинии од Скопје кон европските дестинации, најави денеска премиерот Никола Груевски.

– Минатата година се отворија нови шест евтини авиолинии, а оваа година од март ќе се отворат нови три линии, а во мај уште една преку „Џет ерлајнс“ – изјави премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за првата детска градинка во Горно Лисиче лоцирана во дворот на ОУ „Гоце Делчев“.

Тој прецизира дека во март ќе се отворат евтини авиолинии кон Копенхаген, Братислава и Берлин, а во мај кон Прага.

– Заедно со сегашаните 30 евтини авиолинии, веќе од мај ќе има 34 директни линии од Македонија кон  дестинации во или надвор од Европа – рече Груевски.

Потенцира дека се работи на наоѓање нови дестинациии, се преземаат одредени активности и додаде дека постои голема веројатност кон крајот на годинава да има и нови дестинации кон кои ќе се лета од скопскиот аеродром.

– Секоја година има зоголемување на бројот на евтини авиолинии. Минатата година имавме шест, а оваа година ќе имаме најмалку четири. Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, повеќе од еден и пол милиони патници, што е историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите, кои ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании – рече Груевски.

Тоа, како што кажа, им овозможи на многу граѓани што немат висок стандард и огромни приходи да посетат некои од европските дестинации.

Во 2005 година се летало кон само 15 дестинации, а сега, со новите четири, ќе има вкупно 34. Ако во 2005 година имало 500.000 патници, сега има трипати повеќе односно 1,5 милион патници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top