Македонскиот преставник во АБА лигата МЗТ Скопје продолжува со добрите игри и во новата година. Попладнево во Лакташи беше совладана Игокеа со 86-70.
По напуштањето на кормилото на Алеш Пипан екипата како да игра препородено откако на клупата седна Александар Јончевски. По несреќниот пораз во последната секунда во минатато коло од Мега лекс, металците извојуваа значајна победа во борбата за опстанокот оваа сезона.
Иако домаќинот почна фуриозно и по само три минути игра имаше предност од осум коша разлика (9-1), Јончевски беше приморан рано да повика тајм-аут за да ја консолидира играта. Тогаш на паркетот како да истрча сосема друга екипа и со серија од 30-7 дојде до високи 15 поени предност по првата четвртина (16-31).
Во вториот период, Букер им правеше проблеми под кошот на МЗТ и за само неколку напади Игокеа дојде до подносливи пет поени предност за гостите (28-33). Сепак во продолжението македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски со две тројки во низа го однесе својот тим повторно до двоцифрена предност.
Стабилни во транзицијата, со сигурна игра Мијатовиќ му ја донесе најголемата предност на МЗТ на средбата (41-61) во второто полувремеа, Протиќ и Дреновац беа непрецизни за три по што домаќинот направија серија од 8-0 за намалување на негативата на минус 12 (49-61). Радивојевиќ и Букер се разбудија и ја преполовија разликата до крајот на третиот период (53-63).
Последните десет миути двете екипи ги започнаа со наизменични уфрлувања. По четвртата лична грешка над Раденовиќ, Урош Луковиќ беше заменет со Мијатовиќ кој одлично ја презеде улогата на центар. Сигурно под обрачот и прецизно од надворешните линии „металците“ рутински го доиграа мечот, а Коматина ги уфрли последните поени за домаќинот за финални 70-86.
Ѓорѓе Дреновац веше посебно мотивиран. Против својот поранешен клуб постигна 27 поени (седум тројки) и два скока. Мијатовиќ постигна 13, Љубичиќ – 12.За домашниот состав, Раденовиќ со 15 поени и Коматина со 12 беа единствените играчи со двоцифрен ефект. За одбележување на овој натпревар е што металците имаа фантастична реализација од линијата за три поени уфрлувајќи 15 топки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.