| четврток, 6 декември 2018 |

Предупредувања за можни терористички напади за дочекот на 2016 во европските метрополи

Во најголем дел од европските градови засилени се безбедносните мерки во пресрет на дочекот на Новата година, а официјални лица стравуваат од евентуални терористички напади, јави Би-Би-Си.

francuska_policija_ap

Новогодишниот распоред и уличните прослави се откажани во Брисел, а посебни мерки се спроведуваат во Париз, Лондон, Берлин и Москва.

Истовремено, турските разузнавачки служби соопштија дека осуетиле план за напади во Анкара за време на прославата.

Австриската полиција соопшти дека од „пријателска служба“ добила информации за ризик од напади во главните градови на Европа.

Белгиските власти за откажувањето на прославата наведуваат дека потегот е поради „информациите со кои располагаат“.

– Во вакви околности не можеме да го провериме секого, изјави Иван Мајур, градоначалник на Брисел каде лани за новогодишната ноќ имаше околу 100.000 луѓе.

Две лица вчера беа уапсени во Анкара поради сомневање дека подготвувале напади во име на ИД во тој град. Тие наводно влегле во Турција од Сирија и планирале напади на места „каде има голем број луѓе“. Во рацијата пронајдени се експлозиви и појаси со бомби.

Во Париз ќе биде откажан големиот огномет додека на Шанзелизе традиционалното собирање ќе се одржи со посебни безбедносни мерки. Традиционалниот перфоманс на Триумфалната капија ќе биде покус од вообичаено.

Москва и Берлин на посебен начин се подготвуваат за прославата иако официјални лица во тие градови не соопштија за какви било информации за можни терористички напади.

Црвениот плоштад ќе биде целосно затворен додека во Берлин е ставена забрана за пиротехника и носење ранци во круг од околу еден километар околу Брандербуршката порта. Приодот кон неа е исто така ограничен.

Лондон ќе одржи традиционален огномет, но на улици ќе има околу 3.000 полицајци вклучително и оние со тешко оружје и „долги цевки“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top