Потребата за енергенти во Македонија во наредната година ќе се зголеми за 4 отсто, предвидува енергетскиот биланс за 2016 година. Пораст ќе има во сите сегменти, а повеќе ќе се троши струја, гас, нафта.
Енергетскиот биланс, документ што ја содржи целата потрошувачка на сите енергенти во државата за една година и ги опишува консументите, односно потрошувачката на енергијата, пак, за периодот 2013 – 2017 година предвидува пораст на потрошувачката на сите енергенси со просечна стапка од 3,3 проценти на годишно ниво.
Во билансот се прецизира дека во 2016 година ќе се потроши за 3 отсто повеќе нафта и нафтени деривати од лани и за 4 отсто повеќе електрична енергија. Веќе неколку години во континуитет се предвидува и зголемена потрошувачка на природен гас, биомаса и на другите типови енергија.
Зголемените потреби од енергија ќе се обезбедат од домашни извори и од увоз. Нафтата и нафтените деривати и гасот во целост ќе се обезбедат од увоз, а кај електричната енергија во зависност од хидрологијата и цената на гасот и на струјата ќе зависи активноста на ТЕ-ТО, а според тоа, пак, ќе варира процентот на домашно произведена и увезена електрична енергија.
– Во структурата на енергијата 50 отсто отпаѓа на нафтата и нафтените деривати, 31 процент на електричната енергија, а 9 проценти на биомасата и сите останати водови на енергенси. Најголема потрошувачка на енергија 32 проценти има во сообраќајот, 29 проценти од енергијата ја троши индустријата, 25 проценти домаќинствата, а 14 отсто сите останати чинители. Радува фактот што се предвидува и зголемена потрошувачка на природниот гас што е исклучително позитивно, бидејќи станува збор за еколошко гориво кое треба што е можно повеќе да биде застапено- изјави Кочо Анѓушев, претседателот на Македонската енергетска асоцијација – МЕА.
Тој нагласи дека МЕА посебно ја поддржува инцијативата гасот да се спроведе до домаќинствата, зашто, како што рече, е најекономичен за потрошувачка.
– Обновливите извори на енергија секоја година заземаат се поголемо учество во енергетскиот биланс во производството на енергија, а посебно во делот на електрична енергија. За 2016 година се предвидува околу 16 отсто од финалната енергија да биде од обновливи извори на енергија- потенцира Анѓушев и додаде дека се поголем процент во производството на енергија имаат малите хидроелектрани, фотоволтаиците, ветерните електрани и биомасата.
Прецизира дека производството на домашна електрична енергија во голема мерка ќе зависи од хидролошката состојба и каква ќе биде активноста на гасната електрана ТЕ-ТО.
Според Анѓушев, предвидено е домашното производство на електрична енергија да има 1 отсто покачување во однос на 2014 година или, пак, да остане на исто ниво или да има сосема мало намалување во однос на 2015 година. ТЕ-ТО треба да учествува со повеќе од 400 гигават часови во домашното производство во 2016 година.
Анѓушев појасни дека 20 проценти од електричната енергија во Македонија ја трошат шест компани – Фени, Југохром, Макстил, Арчелормитал, Бучим и Цементара.
– Овие компании не можат однапред да знаат какви ќе бидат цените на нивните производи на светскиот пазар и затоа не можат точно да предвидат колку енергија ќе потрошат. Доколку Фени, кој е најголем потрошувач на електрична енергија во Македонија, работи со полн капацитет, односно со двете печки троши од 90 до 100 мегавати, а кога има половична активност потрошувачката паѓа на 45 мегавати. Ако се има предвид дека тоа е околу 10 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Македонија само запирањето на една печка во Фени автоматски го менува енергетскито биланс за 5 проценти- нагласи Анѓушев.
Македонија во 2014 година потрошила 74.759 тераџули енергија од сите видови, годинава потрошувачката изнесува 79.709, а во наредната година се предвидува да се потрошат 82.578 тераџули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.