| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците не го прифатија Предлог-законот за амнестија

Пратениците денеска на 10-то продолжение на 74-та седница заклучија дека не е прифатлив Предлог-законот за амнестија, поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска и не може да помине во понатамошно читање.

Пратеникот Павле Трајанов, како предлагач на Предлог-законот, појасни дека е изработен од страна на Демократскиот сојуз врз основа на направени анализи на состојбите во Република Македонија и врз основа на компаративни искуства. Според него, предложената амнестија, како уставна категорија, е скалеста, но сепак бара поширока општествена и политичка поддршка.

– Амнестијата не е терен за добивање политички поени, тоа е лизгав терен за секој оној кој говори за или против амнестијата, нагласи Трајанов и изрази очкување дека сите пратенички групи ќе го поддржат овој Предлог-закон.

Пратеникот Трајанов појасни дека Предлог-законот за амнестија се однесува на осудени лица за сторени кривични дела со единствена казна затвор до три месеци, како и за сторителите на кривични дела криумчарење мигранти, за кои се предлага потполно да се ослободат.

Во втората група припаѓаат осудени лица сторители на кривични дела кои издржуваат казна затвор од 3 до 6 месеци, а за кои се предлага да бидат амнестирани со 50 отсто од неиздржаниот дел од казната затвор. Оние осуденици кои имаат казна затвор до 1 година, за примање и давање поткуп, да се ослободат со 33 отсто од неиздржаниот дел од казната. Оние на кои им е изречена казна затвор од 1 до 10 години, се предлага, да се ослободуваат со 25 отсто од неиздржаниот дел, додека за повторници на кривични дела само 10 отсто од неиздражниот дел од казната.

За лицата постари од 60 години, а чија казна затвор била до 5 години, се предвидува амнестија од 40 проценти од неиздржаниот дел од казната.

– Амнестијата не се однесува за осудени лица со правосилна пресуда на казна затвор повеќе од 10 години или доживотна. Не се однесува за дела убиство, дела против човечноста, против државата, против правата и слободата, силување, обљуба на немоќно лица, полов напад врз малолетни, за посредување при проституција, детска проституција, порнографски материјал за деца, детска порнографија, за кривични дела против бракот и семејствата и младината, за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, повеќекратни повторници – рече Трајанов, образложувајќи кои кривични дела нема да бидат опфатени со Предлог-законот за амнестија.

За пратеничката Лилјана Поповска, Предлог-законот за амнестија е специјална мерка за да може, рече, да почне процесот на враќање на правдата во правосудството. Таа смета дека со овој Предлог-закон треба да се започне со разумна амнестија на одредени дела, а потоа, нагласи, да се направи и ревизија на казнениот систем, како и на начинот на читање на законите.

Собранието на Република Македонија претходно по расправата во рамки на денешната 80-та седница заклучи дека не се прифатливи измените и дополнувањата на Закнонот за регистрирање готовински плаќања, предложени од опозицијата, и затоа не може да помине на понатамошно читање.

Утре продолжува 80-та седница на Собранието на Република Македонија.  

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top