Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба „Спектрум” на Маја Кировска, чии дела ја третираат реалноста.
Изложбата се фокусира на некои од најакутните проблеми на денешницата, како што се бегалската криза, војните, состојбата на човековиот ум, дисбалансот помеѓу човекот и животната средина… Сите нив ги посочува, ги разгледува од различни аспекти и поттикнува на размислување за причините, но и за можните решенија во иднина, за се она што ние како единки и колектив можеме да го направиме.
– Преокупирани од сопствените секојдневни проблеми научуваме селективно да ги примаме информациите што доаѓаат до нас, престануваме да се грижиме за она што лично не нé засега. Губејќи го контактот со реалноста на крајот го затапуваме своето сочувство. Отрпнуваме, а на трагедијата на другите реагираме не повеќе отколку што би реагирале на некој игран филм. Тоа е така се додека не видиме со свои очи, не почувствуваме на своја кожа, не се увериме дека она што го кажуваат медиумите понекогаш е реалност, смета авторката.
Изложбата е поттикната од документарниот филм за фотографот Себастиао Салгадо на Вим Вендерс „Солта на земјата”, каде Салгадо преку слика и кажувања зборува за егзодусот и страдањата на луѓето во Европа и Африка во 90-тите.
Делата на изложбата се направени со употребени специфични медиуми, како што е аугментираната реалност каде виртуелни слики и друг вид на содржини се поврзуваат со реалното со помош на современата технологија. Во други дела, пак, се употребени филтри во боја, преку кои гледачот гледа селективен дел од една слика.
Маја Кировска живее и работи во Скопје. Дипломирала во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а во 2012 во соработка со шест колеги ја основа уметничката група МОМИ. Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, перформанс, слика, графика, цртеж и филм и нивно комбинирање
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.