| четврток, 6 декември 2018 |

Усвоени измени на Законот за лекови и медицински средства

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 80. седница  со 49 гласа „за“ и 20 „воздржани“ го поддржа Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, по скратена постапка, предложен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Sobranie specijalen obvinitel (19) (Custom)

 

Со измените, образложи пратеникот Андон Чибишев, се овластува Агенцијата за лекови и медицински средства, на предлог на Министерството за здравство, на своја сметка да набавува одредени медицински  препарати кои се употребуваат за болните од малигни заболувања.

– Со оглед дека изготвувањето и влегувањето на одредени препарати на позитивната листа на Фондот за здравствена осигурување оди по некаква постапка за да добиеме повеќе  фармакотераписки податоци за овие препарати го предлагаме законот по скратена постапка за да може побргу да бидат набавени и достапни до пациентите – рече Чибишев.

Станува збор за пилот -проект кој ќе трае 12 месеци во кои, како што рече Чибишев, Агенцијата за лекови од сопствени средства ќе ги набавува препаратите за да бидат достапни за пациентите што побргу. – Се работи за препарати кои се прва линија за  третман на болни од одредени типови рак на кожа, рак на бубрези, бели дробови, црн дроб  и на панкреас – рече Чибишев.

Пратениците од СДСМ гласаа воздржано за законот, затоа што го сметаат за предизборен маркетинг и за популистичка мерка со која ќе се дадат широки ингеренции на Агенцијата за лекови.

– Ќе се овласти Агенцијата  за лекови да набавува лекови од сопствени средства. Ова отвора  сомнеж дека на Агенцијата ќе ѝ се дадат широки ингеренции и ќе даде функција каква што нема ниту една  во регионот и Европа – рече Ален  Георгиев од СДСМ.

Неговата сопратијка, Јагода Шехпаска, праша дали со законот не се дава можност за, како што рече, злоупотреба Агенцијата со јавните набавки да врши фаворизирање на одредени економски оператори блиски до власта и да им даде можност за набавка не само за лекови за малигни заболувања, туку и за останати бидејќи со предложениот член никаде не стои за кои лекови ќе се врши набавката.

– Кажавте дека ќе има временска рамка од една година, но како пилот-проект со временска рамка не го прочитавме никаде периодот за кој ќе важи. Затоа сметаме дека вашите намери не се искрени. Ние сме да се поддржи секоја измена која ќе оди во корист на пациентите – додаде таа.

Чибишев го оцени како неиздржан ставот на СДСМ за воздржано гласање затоа што, посочи, тие од сите позитивни предлози на Владата се обидувале да направат проблем. – Во законот е оставена можност во иднина да може да се набавуваат лекови и за други тешки болести – рече Чибишев, истакнувајќи дека очекувал постручна расправа од опозоицијата, а не само политички констатации и манипулации со кој сакале да омаловажат добар проект.

Собранието ја почна и расправата за предложените измени на Законот за здравствена заштита, со кои, според заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, се предлагаат повеќе реформи пред сѐ во делот на специјализациите  и положбата на младите лекари.

– Воведуваме кофинасирање на приватна специјализиација за здравствени работници кои не се вработени во јавните установи,  рече Андовски истакнувајќи дека е важно што сите специјализанти кои ќе бидат избрани на огласот на Министерството за здравство засноваат работен однос на определно време со јавната  здравствена установа во кој период ќе имаат право на плата и надомест на дежурство, а  по завршување на специјализацијата се вработуваат во јавната здравствена установа за која се пријавиле за специјализација.

Со законските измени, меѓу другото, се воведува и програма за кофинансирање специјализација по педијатрија, гинекологија и акушерство, што, според заменик-министерот, ќе биде сериозен бенефит за младите лекари кои ќе добијат загарантиран приход по завршување на специјализацијата.  Предвидени се и измени во делот на дополнителната дејност.

Сашо Величковски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека со ова законско решение се нудат низа поволности со специјализициите и нивното  кофинансирање, односно оние што не се вработени во јавните здравствени установи да се јават на објавен конкурс и притоа да бидат вработени на определено време за кое ќе добиваат просечна плата од минатата година а по завршувањето да бидат примени на неопределено работно време.

Според пратеничката Шехпаска, предложениот закон е предизборна популистичка мерка која се носи под притисок на петицијата од 365 специјализанти и на докторската фела. Се прави, според Шехпаска, селективно кофинансирање на специјализантите, а воведувањето на здравствената дејност оптометристика е директно мешање во ингерениците и во професионалноста на офталмолозите. Шехпаска го оцени како непотребен и предлогот  менаџирањето во јавните здравствени установи да може да го вршат странци, а како популистичка мерка го оквалификува и враќањето на медицинските сестри од приватно во јавно здравство.

Собранието ќе продолжи со расправата по редовната попладневна пауза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top