Македонија е една од ретките земји во Европа, вклучувајќи ја и ЕУ, што има статистичка база за женското претприемаштво, а моментно активно работи и на создавање национална стратегија што ќе го дефинира и значително ќе го подобри овој сегмент од стопанството.
Како што беше речено денеска, на презентацијата на резултатите од регионалниот проект „Женското претприемаштво – мотор за создавање работни места во Југоисточна Европа“, до скоро женското претприемаштво во земјава беше речиси непозната, но сега е еден од битните фактори во економијата што го поврзува бизнисот со науката, соодветните државни институции, локалните самоуправи и стопанските комори.
– Македонија во проектот ни беше многу значајна. Иако имаше скромни почетоци, стана единствената земја во добар дел од Европа, вклучувајќи ја и ЕУ, што успеа во изминатите четири години да направи статистичка база. Тоа на прв поглед не изгледа толку битно, но е темел на сите паметни политички одлуки и претставува стратна позиција за мерење колку е нешто напшравено или не. Многу поголеми земји и држави, кои далеку посилно се промовираат, не се ни блиску до ваквиот резултат – изјави Мери Ан Рукавина Ципетиќ, директор на Иницијативата за одржлив развој која е еден од носителите на проектот.
Според Ципетиќ, во ЕУ се користи и пренесува македонското искуство, а Македонија црпи дел од практиката и добрата европска политика.
Во македонското стопанство околу 33 проценти се жени претприемачи што е речиси исто ниво како европското. Повеќето од нив се носители на микро и на мали претпријатија, во услужните дејности, а отвориле бизнис за да се вработат, а не за да бидат деловни луѓе.
– Тоа значи дека немаат голем обрт и профит, најчесто се самовработени, отвориле сопствен бизнис за да се вработат, а не зашто имаат вештини или знаење за водење бизнис. Го прават тоа што го знаат, во согласност со својата стручна подготовка – нагласи Валентина Дисоска, претседателката на Здружението на деловни жени, кое го спроведе проектот во Македонија.
Изминативе години, додаде Дисоска, на женското претприемаштво се работеше многу.
– Успеавме да станеме препознатливи, да се наметнеме кај нашите партнери. Ја изработивме статистиката, лобиравме, поттикнавме значајни промени во законодавството. Направиме и платформа за засилување на женското претприемаштво, која функционира веќе четири години, воспоставивме регионално здружување, остваривме многу Б2Б средби, саеми,…, но најважно е што во соработка со Министерството за економија, стигнавме до првање национална стратегијата – нагласи Дисоска.
Проектот „Женското претприемаштво – мотор за создавање работни места во Југоисточна Европа“ е регионален, се спроведуваше од 2012 година до 2015 година, а во него, освен Македонија, беа вклучени и Србија, БиХ, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Турција и Молдавија. Носители беа Регионалниот центар за претприемачко учење на земјите од Југоисточна Европа и Иницијативата за одржлив развој, под координација на Советот за регионална соработка.
Според препораките, за поттикнување и развој на женското претприемаштво неопходна е соработка меѓу сите страни, експертската јавност, институциите, општините, медиумите,… Како клучен се посочува подобриот пристап до информации и нивната размена не само дома, туку и на регонално ниво. Мора да се дејствува и во насока на создавање мрежи за надминување на родовата нееднаквост.
Во завршниот документ на проектот фокус е ставен и на младите жени. Се сугерира нивно поактивно вклучување во техничките науки, посебно ИТ секторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст