За три години на Клиниката за детската хирургија се направени 185 операции на срце кај бебиња и кај деца. Македонскиот тим самостојно ги извршува операциите под надзор на американските лекари, а педесет отсто од операциите досега ги извршил македонскиот тим. Во Македонија годишно се раѓаат 250 бебиња со вродени срцеви аномалии, а статистиката вели дека половина од нив се оперираат. Дури 70 бебиња се помали од 12 месеци. И тие пациенти се оперираат во Македонија. Проектот на едукација и формирање на тимот трае пет години, а целта е повеќе да не се испраќаат пациенти во странство на операција, вели во интервју за „Република“ д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија и шеф на одделот за детска хирургија при Универзитетската клиника во Скопје.
За три години на Клиниката за детската хирургија се направени 185 операции на срце кај бебиња и кај деца. Македонскиот тим самостојно ги извршува операциите под надзор на американските лекари. Како ја коментирате оваа бројка?
ЧАДИКОВСКИ: Јас сум презадоволен како напредува проектот од хируршки аспект. Оваа година имаме поголем број интервенции за 25 до 30 отсто од претходната година и таа бројка и тенденција сѐ повеќе и повеќе расте, а морталитетот сѐ повеќе ни се намалува. Сето ова оди во прилог на тоа дека тимот сѐ повеќе го добива соодветното знаење. Тоа значи дека навистина веќе нема потреба децата да се испраќаат во странство на операција. Во петте мисии кога доаѓаат американските лекари, сега имаме и дополнување на таа динамика, со тимот од Белград, со институтот „Мајка и дете“. Тимот од македонската страна е оформен. Тие деца што досега се праќаа како итни случаи, заедно со професорката Мила Стаевиќ, ќе се оперираат во Македонија, така што комплетно се затвори проектот и веќе ниедно дете нема да се испраќа на интервенција во странство, туку операциите ќе се извршуваат во Македонија. Бројката е задоволителна, тенденцијата расте. Очекуваме годишно да имаме околу 120 деца, а 70 отсто од нив би биле новороденчиња. Динамиката е стотина деца годишно да бидат оперирани во Македонија.
Педесет отсто од интервенциите се сработени комплетно од македонскиот тим, а некои од полесните интервенции ги работат асистентите на главниот хирург. Значи имаме сериозен тим. Уште колку време ќе ни треба помош од американските лекари?
ЧАДИКОВСКИ: Динамиката на бројот на операции кои се прават од страна на македонскиот тим почна минатата година. Идејата е тој процент да натежнува повеќе на страната на македонскиот тим на сметка на американскиот. Во детската кардиохирургија постојат околу 180 дијагнози со различна комплексност и тие се делат во пет групи во однос на тежината на дијагнозата и во однос на состојбата на детето. Американскиот тим проценува кога ќе бидеме спремни и кој тип операции може сами да ги извршиме во текот на оваа фаза на едукација. Оваа година самостојно имаме направено повеќе од 40 отсто од операциите. Ќе бидеме самостојни во моментот кога ќе добиеме тим на македонски кардиохирурзи со лиценца. Што значи тоа? Пред неполни три месеци првпат се воведе катедра и супспецијализација по детска кардиохирургија во Македонија. Јас пред три месеци се запишав на супспецијализација. Таа трае две години. Целиот проект трае пет години од моментот кога започна едукацијата, а тоа значи дека нам ни остануваат уште неполни две години за да го заокружиме проектот.
Кој сѐ го сочинува македонскиот тим?
ЧАДИКОВСКИ: Тимот брои околу триесетина членови. Хируршкиот тим во салата е составен од двајца хирурзи, две инструментарки, перфузионист, медицинска сестра, анестезиолог и анестезиолошка сестра, неколку медицински сестри во интензивна нега, специјалисти педијатри, кардиолозите на клиниката за детски болести како и кардиолозите од хирургијата за возрасни. Американскиот тим што се занимава со интервентна кардиологија кај деца заедно со тимот од кардиологија таму ги извршуваат интервенциите.
Која е најтешката операција што ја извршил д-р Чадиковски?
ЧАДИКОВСКИ: Таа операција се вика „Глен“, а името го добила по докторот што ја извел првпат. Стануваше збор за дете со една комора што има многу мали крвни садови, артерии што носат крв во белите дробови. За да ги зголемите тие крвни садови морате главната вена која се влева во срцето да ја садите во крвните садови. Оваа операција се прави на бајпас-машина. Пациентот беше тримесечно бебе што тежеше едвај пет килограми. Сега и живо и здраво. Последниот смртен случај го имавме во февруари. Во 2015 година имавме само два смртни случаја. Секоја година за сто отсто се намалува смртноста на децата и кај бебињата што се оперираат. Оваа година се движиме во светски рамки. Тимот се формира и навистина се потребни пет години за да „порасне“ проектот.
Колку е реално изводливо Македонија да стане регионален центар за кардиохирургија за деца?
ЧАДИКОВСКИ: Детската кардиохирургија претставува една од најдефицитарните специјализации во светски рамки. Секаде, освен во најголемите центри за детска кардиохирургија како „Бостон чилдрен хоспитал“ на пример, тимовите се сведуваат на двајца кардиохирурзи. Принципот на миграција на пациенти е нормален, така што за очекување е кај нас да дојдат пациенти од Косово. Кај нас, на Клиниката за детска хирургија се оперираат многу пациенти од Косово, бидејќи тие немаат ниту детска хирургија, ниту пак детска кардиологија. Регионалноста е неминовна ако тимот функционира. Тимот треба да опстои и да нуди квалитет за да може отсекаде да привлече пациенти и да биде транспарентен со цените.
Во Македонија годишно се раѓаат 250 бебиња со вродени срцеви аномалии, а статистиката вели дека половина од нив се оперираат. Дури 70 бебиња се помали од 12 месеци. Дали и тие пациенти се оперираат во Македонија?
ЧАДИКОВСКИ: Да и тие пациенти се оперираат кај нас. Оваа година многу се намали бројот на македонски пациенти кои беа испраќани во Бугарија на интервенција. Оваа година беа пратени максимум пет. Тенденцијата е следната година веќе да не се испраќаат пациенти во странство. Деновиве имаме случај што треба да го оперираме. Станува збор за дете кое порано било испраќано на операција во Бугарија, но сега таа операција ќе ја извршиме во Скопје.
Во минатата година неделникот „Република“ го прогласи тимот на Клиниката за детска хирургија во личности што ја одбележаа календарската година. Продолжувате ли со исто темпо понатаму?
ЧАДИКОВСКИ: Не со исто темпо, туку ќе се обидеме да бидеме и подобри! Оваа година имаме повеќе успеси и од лани, спасивме голем број деца и тоа ме прави посебно среќен. Спасивме деца со екстремно тешки вродени мани. Сметам дека Македонија треба да биде горда на овој тим кој многу пожртвувано и многу часови и часови поминува на работа. Тие две недели кога се подготвува пациентот за операција, се работи од утро до вечер, без разлика дали се викенди или празници. Драго ми е што одвреме-навреме некој ќе се сети на нас и тоа е мотивирачко. Тоа те тера напред, кога ќе ги видиш реакциите на луѓето.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.