Позитивните раздвижувања во македонската економија се повеќе од очигледни, а тоа го докажуваат и последните официјални статистички податоци, според кои невработеноста во третиот квартал од годинава е падната на и сториско најниско ниво од 25,5 отсто, додека пак бруто-домашниот производ пораснал за 3,5 отсто. Добро поставените економски политики, активните мерки за поттикнување на вработувањето, како и сѐ поголемиот број странски инвеститори во земјава ја креваат вработеноста, но и го креваат БДП, што влијае врз севкупната економската ситуација. Од статистичките податоци може да се види дека во периодот од 2006 година досега, најголем пад на невработеноста е регистриран во 2014 година, од цели 8.0 процентни поени. Податоците покажуваат дека во изминативе десет години во Македонија се отворени околу 150.000 нови работни места. Гледано по региони, за само четири години од 2010 до 2014 година најголем пад на невработеноста е регистриран во Вардарскиот регион од 37.0 на 27.6 проценти, во Пелагонискиот регион од 33.6 проценти во 2010 на 18.7 проценти во 2014 година и Североисточниот регион од 62.8 на 44.0 проценти. Ова покажува дека технолошко-индустриските развојни зони кои се отворија низ земјава придонесоа за драстичен пад на невработеноста, дисперзиран во повеќе региони, односно дека работни места се отвораат и низ други градови во Македонија, а не само во Скопје, како што беше случај до пред неколку години. Според надлежните, мерките за вработување допрва ќе даваат резултати.
– Активните мерки за вработување што ги реализира Агенцијата за вработување на Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Владата на Република Македонија, имаат значително влијание врз намалувањето на невработеноста, а ова влијание особено доаѓа до израз кај младите невработени лица, невработени лица од разни ранливи категории, долгорочно невработени лица, кај лицата со посебни потреби. Следни чекори кон зголемување на вработеноста, освен спроведувањето на веќе постојните активни мерки и проекти за вработување во 2016 година, би биле и реализацијата и евентуална надградба во следните години на пилот-програмите содржани во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година, како „Поддршка за брзорастечките фирми – Газели “, „Финансиска поддршка за отворање на приватни детски градинки“, „Финансиска поддршка за отворање на приватни домови за стари лица“ и други – информираат од Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Во периодот 2006-2012 година се забележува континуирано намалување на бројот на невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување.
– Намалувањето на невработеноста, односно падот на стапката на невработеност укажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување, насочени кон отворање нови работни места, позитивните ефекти кои ги даваат новокреираните работни места од страна на странските инвеститори, но и креираните работни места од страна на домашните компании и зголемената соработка меѓу нив. Се разбира дека Агенцијата за вработување како одговорна институција за имплементација на програмите и на мерките за вработување, дефинирани во годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, има значајна улога и голема одговорност со своите активности успешно да придонесува во намалување на невработеноста, односно презема мерки и активности кои придонесуваат да се зголемат вештините на лицата што активно бараат работа, да се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд со што се зголемува и нивната можност за побрзо вработување – додаваат од АВРМ.
Според експертите, владините мерки за вработување што ги користи домашниот приватен сектор и влезот на новите странски инвестиции значително ја менуваат сликата на пазарот на труд.
Нивното влијание и директно и индиректно преку копартнерство со домашни фирми упатува на тоа дека голем број од невработените веќе нашле работно место, и не само тоа, се зголемува и конкурентноста на пазарот на трудот, нешто што долго време ни недостигаше. Уште еден факт е тоа што тие ја зголемија мобилноста на пазарот на трудот. Од една стана имаме значителни инвестиции во инфраструктурата кои повлекуваат значителен капитал и значителен обем на работна сила. Од друга страна има активни политики за вработување кои се двострани – и на страна на работодавачите и на страна на работниците. Работодавачите се стимулирани да ангажираат работна сила со тоа што трошоците за неа ги покрива државата. Во овој случај, во една синергија на повеќе мерки, како и на домашни и на странски инвестиции, и на поттикнувачки мерки и активни политики, се влијае на невработеноста – сметаат експертите.
Намалувањето на стапката на невработеност, велат познавачите, е основа за намалување на сиромаштијата, односно за пораст на стандардот. Податоците покажуваат дека за една година вработени се 20.000 лица, додека само во последниве седум месеци, преку проектот „Македонија вработува“, вработени се 10.100 лица. Според проекциите, се очекува до крајот на 2017 година и на почетокот на 2018 невработеноста да падне под 22 процента.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 172. број на неделникот „Република“, 18.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.