| четврток, 6 декември 2018 |

Битолскиот „Интимен театар“ ја подготви „Будење на пролетта“, претстава за жената – лидер

Премиерата на претставата „Будење на пролетта“ на „Интимен театар“ од Битола е закажана за 28 декември (понеделник) во 20 часот, а првата реприза е на 30 декември (среда) во 21 часот. Режисерка на претставата е Софија Ристевска, драматург е Билјана Крајчевска, а во претставата играат Здравко Стојмиров, Стефанија Милевска и Софија Ристевска.

Претставата е работена по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Режисерката на претставата, Ристевска првпат глуми во своја претстава со цел да ја запознае подобро и оваа професија за во иднина да може уште поумешно и поиновативно да работи со актерите.

b5f3cdc5-791d-451d-a849-4be58a75e87a

– Во нашиот најнов проект „Будење на пролетта“, ги разгледуваме проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи. Во ова време на суров неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на жена – лидер. И ние зборуваме точно за таа нетрпеливост помеѓу силната и моќна жена и сексистички настроената социјална средина, што за жал има само една алатка за своја заштита, а тоа е суровото и бескомпромисно етикетирање на жената, сé со цел да ја дескредитира и да ја врати во потчинетата позиција на патријархалната пасивност. Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика, ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и непотпаѓаат под ничие влијание. Ги разгледуваме нивните проблеми со тежината и нивното активно посетување начасовите по аеробик. Ги разгледуваме и ситуациите со шефовите мажи во фирмите, што редовно им предизвикуваат непријатни ситуации. Ги анализираме и желбите за екстремни спортови, што создаваат високо ниво на андреналин, како заштитен механизам против светот што не опкружува и на крајот зборуваме за свадбите и за сите подготовки окулу нив. Со огромна доза на хумор анализираме со колку многу предизвици се соочува жената и колку многу очекувања се вперени во неа. А за да биде иронијата поголема, дури и кога е најзаслужна, таа тешко го добива своето признание. И точно затоа „Будење на пролетта“ е интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа – вели режисерката Ристевска.

cf6fcec8-6c98-4e88-b955-1087661f7fdd

Во екипата се уште и кореографот Кире Миладиноски, избор на музика и дизајн на звук го направи Златко Кузевски, стилист на фотосесија е Андреј Ѓоргиевски, шминката е на   Ксенија Вангеловска, фризурите се на Андријана Петровска,  фотограф е Петар Тасевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top