| четврток, 6 декември 2018 |

Од февруари над 500 здравствени работници ќе добијат повисоки плати

здрав

Aнекс на Колективен договор со кој ќе се овозможи сите здравствени работници со завршено високо образование (медицински сестри, рентген техничари, физиотерапевти, лаборанти, итн.) да добијат додаток на платата, како вреднување на стекнатото образование и стимулирање на овие здравствени работници во насока на целокупно унапредување на работниот процес, потпишаа денеска министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

– Договорот стапува во сила со февруарската плата која ќе биде реализирана со корекција на коефициентот. Вкупниот процент на корекцијата на платата е 36,9 отсто – истакна Каранфиловски.

Министерот Тодоров рече дека изготвиле анализа на состојбите во сите јавни здравствени установи каде одреден дел од здравствените работници со средно стручно образование, во меѓувреме имаат завршено високо стручно образование (во времетраење од 3 години, односно со стекнати 180 ЕКТС кредити). Посочи дека согласно анализата, станува збор за над 500 здравствени работници од повеќе ЈЗУ кои ќе бидат опфатени и отсега ќе добиваат додаток на платата во износ од околу 6.000 денари вкупно, односно во три наврати зголемување на платата за околу 2.000 денари (во 2016 година, со февруарската, јунската и декемвриската плата).

Нагласи дека ова бил горлив проблем на оваа категорија здравствени работници за кој тие укажувале, имајќи предвид дека вложиле труд, енергија, и финансиски средства за својата образовна надградба, и следствено на тоа очекуваат соодветно вреднување на вложениот труд. Токму затоа, нагласи, со Програмата на Владата ветивме решавање на овој проблем во средината на 2016 година, така што изминатиот период посветено работевме на овој проект и го реализираме и пред предвидениот рок.

– Ова е значаен чекор во насока на вреднување на стекнатото образование и финансиско надоместување на здравствените работници. Министерството за здравство има воспоставено успешна соработка со Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, која континуирано ја развиваме низ заеднички дијалог, размена на мислења и сугестии, со цел заеднички да придонесеме кон целокупно унапредување на здравствениот систем- рече Тодоров.

Потенцира дека вложувањето во унапредување и стимулирање на кадарот во ЈЗУ е еден од заедничките императиви на Министерството и Синдикатот, имајќи предвид дека истото придонесува кон подигнување на квалитетот на здравствените услуги во установите.

– Министерството за здравство континуирано вложува во унапредување на работата не само на докторите, туку и на останатиот медицински персонал и во рамки на проектот за едукација на медицинскиот кадар во странство, досега 753 лица од останат медицински персонал (медицински сестри, физиотерапевти, техничари итн.) се едуцирани во врвни медицински центри во Словенија, Турција, Бугарија, Германија итн, и тоа  582 медицински сестри, 41физиотерапевти, 67 радиолошки технолози, 39 лаборанти – истакна Тодоров.

Дополнително, појасни, во насока на унапредување на статусот на медицинските сестри и акушерки, веќе е усвоен на седница на Владата на Република Македонија, Законот за медицински сестри и акушерки, со кој се регулираат бројни прашања за кои долго време постоеше потреба да се решат, а се однесуваат на професиите медицинска сестра и акушерки.

– Ова е многу значајно имајќи ја во предвид важноста на нивната улога во здравствениот систем. Со Законот прецизно се дефинира конечниот модел на образование и можностите за континуирана стручна едукација, содржината, начинот и условите за вршење на сестринската и акушерската нега, должностите на сестрите и акушерките, како и прекршочните одредби за неправилно извршување на нивната дејност- рече Тодоров и додаде дека измените на колективен договор се уште еден чекор напред во насока на подобро функционирање на здравствениот систем и подигнување на нивото на задоволство и кај самите здравствени работници, и кај пациентите.

Каранфиловски истакна дека корекцијата на коефициентот се однесува за сите медицински сестри кои до 30 ноември 2015 година го завршиле високото образование и се во работен процес.

– Сите нови кои ќе завршуваат во 2016 година нема да бидат во овој процес. Тие ќе бидат во наредниот бран. Ова е за оние кои завршиле до 30 ноември 2015 година- додаде Каранфиловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top