Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ вечерва му го врачи мандатот за формирање нова влада на Хрватска на познатиот бизнисмен Тихомир Орешковиќ, кого за оваа функција го предложија Татковинската коалиција и партијата Мост.
Како што јави Хина, пред преземањето на мандатот, Орешковиќ на Грабар-Китаровиќ и доставил листа со потписи од 78 пратеници во Хрватскиот сабор, кои ја поддржале неговата кандидатура.
– Госпоѓо претседателке, слободен сум и сега пред медиумите да ви ги покажам 78-те потписи на избраните пратеници во Хрватскиот сабор, чија доверба ја уживам, изјави Орешковиќ.
Грабар-Китаровиќ соопшти дека врз основа на добиената листа на потписи за поддршка му го врачува мандатот за состав на новата влада на Орешковиќ.
Таа најави и дека за 28 декември го закажува прдолжението на конститутивната седница на Хрватскиот сабор, кое беше прекинато на 3 декември.
По прифаќањето на мандатот, Орешковиќ изјави дека ќе ги вложи сето свое знаење и напори за да се формира „квалитетна влада“, која ќе почне да ги решава наталожените проблеми.
– Знам дека како мандатар немам сто дена, а не ги ни барам. Сите сме тука за да им служиме на хрватските граѓани и наша единствена задача е да работиме заедно со цел утре да ни биде подобро од денес, изјави Орешковиќ, кој покрај од новото парламентарно мнозинство, побара поддршка и од опозициските пратеници.
Орешковиќ, кој не е член на ниту една партија, сега има рок од 46 дена да ја формира неговата влада.
Орешковиќ е роден во Загреб во 1966 година. Тој во 1989 дипломирал на канадскиот универзитет „Мекмастер“, каде и стекнал звање магистар по финансии и информациски системи во 1991 година.
Во 1992 година се вработил во канадската фармацевтска компанија „Ели Лили“, каде извршувал разни должности поврзани со финансиите и меѓународната соработка, на крајот доаѓајќи до местото директор за односи со државната администрација и за економски работи.
Од „Ели Лили“ преминува во канадската фирма „Новофарм“ на местото потпретседател за развој, а потоа станува и главен финансиски директор на компанијата.
Во 2009 година станува финансиски директор на „Плива“ за Источна Европа, а веќе следната година е именуван за главен финансиски директор на оваа хрватска компанија за регионот Источна Европа, Медитеран, Израел и Африка.
Во 2014 година Орешковиќ преминува во управата на компанијата „Тева Европа“, која е сопственик на „Плива“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст