| четврток, 6 декември 2018 |

Авиосообраќајот бележи рекорден број патници

patnici-aerodrom-1

Рекордни 1,4 милиони е бројот на патници во авиосообраќајот, покажуваат последните податоци што ексклузивно за Индекс на Радио Слободна Македонија ги објави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Во споредба со минатата 2014 година досега  бројот на патници е поголем за 20 отсто. Очекувањата се дека бројката ќе достигне 1,5 милиони патници кои допатувале или отпатувале со авион во Македонија и надвор од неа.

– Тоа се должи на дополнителните шест нови дестинации на „Визер“, како и три нови дестинации што ги најави „Тав Македонија“, а денеска ми најавија дека преговараат за дополнителни нови дестинации со останати европски метрополи – вели Мисајловски.
Зголемување има и во наплатата на патарините, споредено со лани наплатата е подобрена за 22 отсто. Тоа, според Мисајловски се должи на зголемената свест кај граѓаните како и на инспекциските служби и професионалноста на инкасаторите.
– Засега инвестициите во автопатишта кои за идната година се предвидени на 380 милиони евра, нема да влијаат на зголемување на цената на патарините – вели Мисајловски.
Потенцираше дека новиот рок за легализација на дивоизградени објекти е пролонгиран на барање и во корист на граѓаните.
Мисајловски очекува голем интерес за новиот мега проект на Владата „Купи куќа за млади“, од кој корист ќе имаат и младите до 35-годишна возраст, градежништвото и општините. Министерството подготви и неколку проекти со квадратура од 60 до 180 квадратни метри кои имаат вредност од 900 до 2000 евра, но тие се бесплатни за сите заинтересирани апликанти.
Мисајловски ги повика сите млади заинтересирани да се информираат за условите од проектот кај банките до 1 февруари за да можат во скоро време да почнат со процедурата за добивање кредит за кој Владата субвенционира рата или учество.
– Во однос на субвенционираната рата ако кредитот изнесува 50.000 евра, тогаш апликантот добива субвенција во износ од 33 илјади евра – објасни Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top